Проектот, како што вели градоначалникот, бил стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“, но е реактивиран по добивањето на потребната дозвола
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека по подолг период продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“ со цел поврзување со улицата „Скупи“ и пуштање во употреба на мостот во скопски Карпош. Проектот, како што вели Ѓорѓиевски, бил стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“.

„Со сериозна работа, волја и одговорен пристап, дозволата е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати. Со комплетирањето на делот од мостот до улица ‘Скупи’, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје и ќе значи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите ‘Партизански одреди’ и ‘Илинден’ и побрз и побезбеден излез кон обиколницата“,
порача Ѓорѓиевски.
Со овој проект, како што вели скопскиот градоначалник, се предвидува отворање нова современа сообраќајна оска, со цел намалување на сообраќајниот метеж и безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци.
