Дел од ветувањата на Ѓорѓиевски за пензионерите се субвенционирано бањско лекување, здравствена грижа и рехабилитација, подобрени услови за домување и можности за активен општествен живот, со цел, како што вели, да им се обезбеди здрава и достоинствена старост. Покрај овие, Ѓорѓиевски најавува и имплементација на дел од проектите за пензионерите во Кисела Вода, каде што е актуелен градоначалник, на ниво на Скопје
Подобрување на квалитетот на животот на лицата во третата доба, лицата со попреченост и на ранливите категории граѓани – најавува кандидатот за градоначалник за Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Дел од ветувањата на Ѓорѓиевски за пензионерите се субвенционирано бањско лекување, здравствена грижа и рехабилитација, подобрени услови за домување и можности за активен општествен живот, со цел, како што вели, да им се обезбеди здрава и достоинствена старост. Покрај овие, Ѓорѓиевски најавува и имплементација на дел од проектите за пензионерите во Кисела Вода, каде што е актуелен градоначалник, на ниво на Скопје.

„Со проектот 2 500 денари за пензионерите со најниски примања ќе обезбедиме финансиска поддршка за оние кои живеат со најмалку средства. Мерката е веќе воведена во Кисела Вода, а ќе биде проширена на територија на целиот град. Позитивните практики од мерките во Кисела Вода, како што се итно копче, транспорт на стари лица, како и нега на возрасни лица во нивниот дом, ќе бидат применети и на ниво на целиот град“,
изјави Ѓорѓиевски.
Дел од проектите што ги најави се и реновирање на сите пензионерски клубови во Скопје, како и проширување на иницијативата „Skopje city go“, чија паметна картичка ќе им овозможи на пензионерите со ниски примања да користат услуги на јавните претпријатија и установи бесплатно или со значителни попусти, како посета на музеи, библиотеки, кина, Зоолошка градина, жичницата на Водно.
За лицата со попреченост, Ѓорѓиевски најави дека ќе добијат целосна пристапност до институциите со рампи, лифтови, тактилни патеки, визуелна и звучна сигнализација. Додаде дека во Градот Скопје ќе се воведе офицер кој ќе им помага на лицата со попречености при административните постапки, а секоја објава на официјалната веб-страница на Градот ќе содржи видео со толкувач на знаковен јазик.
„Ќе иницираме системска поддршка за здруженијата кои работат со лицата со попреченост, ќе развиеме десетгодишна стратегија за инклузија која ќе ги интегрира младинските политики како алатка за активно учество на младите со и без попреченост во процесот на креирање и имплементација на инклузивни решенија согласно европските стандарди. Ќе обезбедиме финансиска и стручна помош за семејствата кои се грижат за лицата со попреченост и ќе развиваме програми за нивно вклучување во пазарот на труд и општествената интеграција“,
изјави Ѓорѓиевски.
Поддршка најави и за социјално загрозените семејства и поединци преку директна финансиска поддршка, обезбедување хуманитарни пакети, развој на програми за психосоцијална поддршка и советувалишта, како и вклучување во образовни и преквалификациски програми.
За бездомниците, Ѓорѓиевски ветува ресоцијализација преку отворање прифатни центри со 24-часовна грижа, обезбедување основни животни услови, како и програми за интеграција во заедницата. Лицата со дијабет и ретки болести, пак, ќе добијат специјализиран едукативен центар кој ќе организира обуки, работилници и советувалишта за правилна исхрана, здрави животни навики и управување со хроничните болести.