Тој најави дека веќе во текот на денешниот ден се очекува Град Скопје да ги објави официјалните првични насоки и мерки за постапување во денови со зголемено загадување

Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до крајот на годината ќе се одржи средба со премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за животна средина за дефинирање мерки против загадениот воздух.
По конститутивната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски истакна дека справувањето со аерозагадувањето повеќе не смее да биде само декларативна заложба. Тој најави дека веќе се вршат засилени инспекциски контроли на терен, иако тоа не се прави помпезно во јавноста.
„За Град Скопје слободно побарајте информација од Секторот за инспекција колку пати сме постапиле против потенцијалните загадувачи. Тоа е процес кој мора да се решава во неколку етапи“,
изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека проблемот со загадувањето постои три децении и не може да се реши преку ноќ, но рече дека има сет на мерки што треба на долг рок да дадат резултати.
„Алтернативни горива за загревање домаќинства и она што треба следната година да го добиеме како поддршка од Владата се нови електрични автобуси и реално функционален превоз за граѓаните за што помалку да користат автомобили“,
рече тој.
Тој најави дека веќе во текот на денешниот ден се очекува Град Скопје да ги објави официјалните првични насоки и мерки за постапување во денови со зголемено загадување.
