Кандидатот за градоначалник најави дека прв проект што ќе го почне ќе биде пробивањето на улицата „Есенинова“ во Кисела Вода
Тој најави и претворање на улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје во булеварско решение со правно и техничко решение за зградата на „Макотекс“ и модел за паркирање на жителите кои живеат во тој реон

Реализација на голем број инфраструктурни проекти и реконструкции на улици веднаш по преземањето на власта најави денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски најави дека прв проект што ќе го почне ќе биде пробивањето на улицата „Есенинова“ во Кисела Вода.
„Веднаш по преземањето на власта во Градот Скопје ќе започнеме со пробивање на улицата од Чешма до Шампионче, со што директно ги поврзуваме улицата ’Антон Панов’ и булевар ’Борис Трајковски’, кој исто така ќе биде довршен до Драчево. Оваа интервенција значи растеретување, побрз пристап, подобра мобилност за сите жители на Општина Кисела Вода“,
истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави и други инфраструктурни решенија низ повеќе скопски општини, со цел поврзување на населбите и намалување на метежот.
Проекти што ги најави се поврзување на „Бутелска“ со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, улицата „Лука Геров“ во Ѓорче Петров со патот за Економија, нова улица меѓу Хиподром и Општина Илинден,
Според Ѓорѓиевски, изградба на улицата „Пролетна офанзива“ ќе биде нова артерија која ќе ги поврзува Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода преку мост над Вардар и клучка кај Хиподром во првата фаза со нејзината изградба во делот на Општина Гази Баба и проектирање за целосна нејзина изградба.
Ѓорѓиевски најави и претворање на улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје во булеварско решение со правно и техничко решение за зградата на „Макотекс“ и модел за паркирање на жителите кои живеат во тој реон.
Тој потенцираше дека со реализација на овој булевар комплетно ќе се ослободи центарот на Скопје од сите возила.
Покрај ова, Ѓорѓиевски најави и целосна реконструкција на улици што постојат, но со децении, како што рече, се запоставени.
Ѓорѓиевски нагласи дека овие проекти не се само улици, туку „решенија за град што не губи време во застој, туку добива време за живот“.
Кандидатот најави дека прв чекор за решавање на проблемот со јавниот превоз ќе биде нормализирање на сообраќајот, преку ревитализација на возниот парк на ЈСП и давање лиценци на сите приватни превозници, без оглед на нивната политичка, национална или верска припадност.
„Очекуваме 80 нови автобуси од страна на Владата и Министерството за транспорт. Што се однесува до БРТ, двата најсериозни пропусти беа што се изоставени Драчево и делот од Бутел спрема Радишани. Сега ќе бидат опфатени со проектот и ќе започнеме веднаш со реализација на истиот. Веќе се обезбедени средства и граѓаните плаќаат камати, а јас нема да дозволам да плаќаме камати за ништо“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека градскиот транспорт ќе се решава на повеќе начини, ветувајќи дека граѓаните во наредните четири години нема да чекаат со часови на постојките или да се возат во лоши услови.