Говорејќи за мерките што се планираат, Ѓорѓиевски на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје се осврна на буџетот на Градот за 2026 година, посочувајќи дека во него во делот за животна средина се предвидени 64 милиони денари, што, додаде, е за 40 милиони денари повеќе, отколку што биле предвидени во буџетот за минатата година
Загадувањето не е проблем што се решава преку ноќ. Тој не е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да дејтвуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите. Ова на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители, го кажа градоначалникот на главниот град, Орце Ѓорѓиевски, кој во своето обраќање, меѓу другото, информира за инспекциските мерки што се преземени досега, како и за плановите за решавање на проблемот во наредниот период.

Ѓорѓиевски рече дека се согласува со излагањата на советниците кои говореа пред него, посочувајќи дека проблемот со загадувањето треба да се решава со конкретни акции, редовни инспекции и заедничка одговорност, а не само декларативно.
Градоначалникот на Скопје кажа дека при инспекциските надзори на надлежните служби биле изречени казни од 1 000 до 53 000 евра, притоа порачувајќи дека нема да има компромис со загадувачите.
„Во изминатиот период преземавме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведовме редовни и вонредни надзори, работиме на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите. Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени“,
рече тој.
Како што наведе, инспекторите за животна средина извршиле над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општината Сарај, при што се изречени глоби од 1 000 до 53 000 евра.
Одговорни лица во правни субјекти, како што кажа Ѓорѓиевски, се казнети со по 3 000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
Инспекции имало и на повеќе градилишта, од кои на неколку им биле изречени парични казни.
„Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници. На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3 000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 им се изречени глоби од по 1 300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни“,
кажа градоначалникот на Скопје.
Говорејќи за мерките што се планираат, Ѓорѓиевски се осврна на буџетот на Градот за 2026 година, посочувајќи дека во него во делот за животна средина се предвидени 64 милиони денари, што, додаде, е за 40 милиони денари повеќе отколку што биле предвидени во буџетот за минатата година.
„Тоа јасно покажува колку сериозно ја сфаќаме заштитата на здравјето на граѓаните. Дополнително се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од нашите искрени заложби за чист воздух и здрав живот. Предвидени се субвенции за инвертер клима-уреди, чистење оџаци, филтри за истите, субвенции за велосипеди итн. Драго ми е што седницата се одвиваше конструктивно и без политикантство“,
кажа Ѓорѓиевски.

На седницата, актуелниот советник и поранешен градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, рече дека и тие како Совет и како Град Скопје треба да придонесат како институција. Тој праша каде се филтрите за оџаци за кои се предвидени пари во буџетот, односно дали има такви филтри на пазарот и кој ќе ги монтира, бидејќи граѓаните кои од социјални причини горат сè и сешто не сакаат да дадат дополнителни 1 000 до 2 000 денари за монтажа. Според Пенов, тие филтри треба да ги „поставиме ние“, односно Градот.
Ѓорѓиевски се обиде да реплицира, но кога тој говореше, Пенов не беше во салата. Градоначалникот на Скопје во таа насока рече дека многу сака да се соочи со таквите како него (Пенов н.з.), кои порано го воделе градот, но ништо не презеле за решавање на проблемот со загадувањето.
„Беше и министер за локална самоуправа и тогаш ништо не направи, иако и таа функција носи ингеренции за борба против загадениот воздух“,
рече Ѓорѓиевски.
Сепак, претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, не дозволи градоначалникот да продолжи со лични прозивки и му го исклучи микрофонот, пренесе порталот „Независен.мк“.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, посочи дека во борбата со загадувањето, индустријата треба да примени европски практики во мерењата и јавноста на податоците, а градот и општините да ги зголемат инспекциските надзори.
„Индустриските капацитети во Скопје, се наши соседи и мора да покажат чесност, преку јавно и транспарентно прикажување на континуирани мерења. Бараме од индустријата да примени европски практики во технологијата, во мерењата и јавноста на податоците. Малите и средни претпријатија имаат на располагање неколку понудени програми во кои може да искористат субвенции и од државата за намалување на потрошувачката на енергија, за подобрување на ефикасноста и намалување на загадувањето. Градот и општините треба уште посилно да притискаат и со едукација и со превенција, но и со инспекциски надзори секаде каде имаат надлежност и дополнително, при донесувањето на планската документација, чистиот воздух, и моделирањето на движењето на воздухот треба да станат обврска и за градот и за општините“,
рече Димитровски.
Инаку, сите советници што говореа на вонредната седница, беа на став дека Градот Скопје треба да донесе спроведливи мерки, кои навистина ќе дадат резултати и ќе придонесат за почист воздух во главниот град.
Стана збор и за иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, за која се гласаше на една од претходните седници, кон крајот на минатата година. Еден од советниците рече дека гласал за иницијативата, но беше скептичен дека тоа може да се направи.
„Знаете кога ќе го направиме тоа? Кога ќе ја купиме фабриката, а по пет до 10 години може да ја дислоцираме, затоа што таа е во приватна сопственост“,
рече советникот.
Советникот од СДСМ, Горан Симоновски, рече дека покрај „Усје“ во моментов се гради нов бетонско-хемиски комплекс, во Ѓорче Петров, каде што е дозволено да се гради објект за лесна индустрија. Тој побара да се направи мораториум на тој Детален урбанистички план (ДУП), со кој се овозможи изградба на 20-катници и хемиски фабрики во овој дел од главниот град.
Од Зелен хуман град, пак, имаа забелешки на студиите за причините за загадувањето на кои се повикуваат речиси сите надлежни институции. Според нив, овие студии се тенденциозни во своите наоди, и се направени со намера да се оправдаат вистинските загадувачи, со тоа што како главен причинител на аерозагадувањето се посочува загревањето на домаќинствата.
Според советникот Горан Арсов од СДСМ, мора да се воведе забрана за стари дизел-возила кои се под стандардот ЕУРО 4, од сообраќај да се исклучат такси-возилата што не ги исполнуваат стандардите, а тие што имаат електрични возила да се субвенционираат.
„Исто така, да се субвенционираат оние претпријатија кои имаат екофлота за достава“,
рече Арсов.
