Зборувајќи за загадувањето на воздухот, рече дека тоа не се должи само на цементарницата „Усје“, туку дека проблемот постои со години. Повтори дека потенцијалните загадувачи треба постепено да се изолираат, особено од централното подрачје, како и да се зголемат контролите
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вечерва во гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма зборуваше на различни прашања што го засегаат функционирањето на главниот град. Во насока на тоа дали Скопје ќе добие пофункционален јавен превоз и подобра инфраструктура или најавите ќе останат само на хартија, им порача на скопјани да бидат трпеливи, оти тој нема магично стапче, но дава сè од себе да го реши проблемот со недостигот на автобуси.

„Граѓаните да имаат трпение. Јас немам магично стапче, но давам сè од себе. Пред 100 дена станав градоначалник, а не пред 100 години. Она што можевме да го направиме, го направивме. Исплативме над 72 милиони денари на приватните превозници, им беше дозволено да го зголемат бројот на возила. Триесетина автобуси што стоеја за ситни поправки беа поправени“,
рече Ѓорѓиевски.
Последните автобуси, како што рече, се набавени од времето кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов.
Најави дека на средина на годината ќе стигнат дел од набавените автобуси, а подоцна и другите, со што Скопје ќе добие 100 автобуси.
Сепак, како што додаде, за сето ова е потребно дејствување од Владата како главен реализатор, а не и Градот Скопје.
На прашањето дали најавените уривања на времени и бесправно поставени објекти ќе донесат вистински ред во урбаниот хаос, рече дека тие не се проблем од вчера, туку се резултат на неажурноста на институциите 30 години наназад.
„Тоа не е проблем од пред еден месец. Уште пред осамостојувањето, а и подоцна, им се дозволувало на одредени лица да узурпираат државно земјиште. Имаме објекти на паркови, паркинзи, па дури и на пешачки и велосипедски патеки, без никакво одобрение“,
кажа тој.
Во случајот со узурпацијата на државно земјиште и со дивоградбите рече дека е решен да оди до крај.
Негово барање, како што додаде, е или Град Скопје да добие градежна инспекција или таа да се централизира, со цел да се знае дека постапува една институција.
„Сега има простор за манипулации и злоупотреби“,
вели градоначалникот.
Зборувајќи за загадувањето на воздухот, рече дека тоа не се должи само на цементарницата „Усје“, туку дека проблемот постои со години.
„‘Усје‘ според мене не е единствениот проблем што влијае на амбиеенталниот воздух во главниот град. Сите го дишеме тоа и го живееме многу години наназад. Сите индустрии треба да бидат надвор од градот“,
рече тој.
Сепак, посочи дека приватната сопственост во овој случај го ограничува директното дејствување на Градот.
Според него, „Усје“ е приватна сопственост и тој како градоначалник не може да влезе кај некој дома и да каже каде ќе му стои мебелот.
Повтори дека потенцијалните загадувачи треба постепено да се изолираат, особено од централното подрачје, како и да се зголемат контролите.
