Кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, попладнево во објава на Фејсбук потврди дека прифатил да се соочи со Орце Ѓорѓиевски на ТВ Канал 5, откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ претходно вчера рече дека ја прифаќа поканата на телевизијата за дебата
Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица, кои на 2 ноември ќе се соочат во вториот круг од изборите за градоначалник на Град Скопје, ќе го одржат својот прв телевизиски дуел следниот вторник.

Дебатата ќе се одржи на телевизија Канал 5 со почеток од 18:30 часот во емисијата „На дуел со Иван“.
Мециновиќ попладнево во објава на Фејсбук потврди дека прифатил да се соочи со Ѓорѓиевски на ТВ Канал 5, откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ претходно вчера рече дека ја прифаќа поканата на телевизијата.
„Дебата во вторник на Канал 5, па да си дочекаме уште повеќе дебати. Јас и мојот противкандидат во овој круг означуваме потенцијална промена на политичките генерации во Македонија, релативно млад дуел за Скопје. Затоа, следниот вторник на дебата ќе може да се заклучи кој претставува нова визија, a кој ја влече деструктивната политика на минатото во иднината“,
порача Мециновиќ во објава на Фејсбук.
Претходно вчера, Ѓорѓиевски соопшти дека ја прифатил поканата на Канал 5 да се соочи со Мециновиќ.
„Ја прифаќам поканата за дебата со мојот противкандидат Амар Мециновиќ, која до мене ја достави Канал 5 телевизија. Тоа е прва телевизија со национална концесија која достави покана за дебата. Граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на Скопје“,
порача вчера Ѓорѓиевски.