„Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред“, порача кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој влегува во вториот изборен круг од локалните избори, објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и од кандидатот на коалицијата ВЛЕН за Скопје, Башким Бакиу.

„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред“,
порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари на сите кои ја препознале визијата и му дале доверба.
„Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“,
додава Ѓорѓиевски.
Според 99,95 отсто обработени гласови за првиот круг од локалните избори, Ѓорѓиевски освои 39,43 отсто од вкупниот број на обработени избирачи, што во апсолутни бројки е 91 612 гласа. Тој во вториот изборен круг ќе се соочи со Амар Мециновиќ од Левица со освоени 30 662 гласови.