Ѓорѓиевски ја оцени средбата со американската амбасадорка за срдечна и конструктивна, додавајќи дека отворено разговарале за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години. Ѓорѓиевски ја информирал за изборната програма, за динамиката на нејзината реализација и тековните проекти кои ги спроведува Скопје
Само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество – порачале градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, за време на денешната средба во просториите на Град Скопје. Како особено значајна ја нагласиле потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.

Ѓорѓиевски ја оцени средбата со Агелер и делегацијата на Амбасадата на САД за срдечна и конструктивна, додавајќи дека отворено разговарале за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години. Градоначалникот ја информирал амбасадорката за изборната програма, за динамиката на нејзината реализација и тековните проекти кои ги спроведува Град Скопје.
„САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер. Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок. Уверен сум дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје“,
порача Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека средбата со Агелер е значаен чекор во продлабочувањето на долгогодишното партнерство со САД, со фокус на институционалниот развој, економскиот напредок, борбата против корупцијата и создавање нови можности за граѓаните.
Ова, како што објави градоначалникот, е прва посета на Агелер во просториите на Градот Скопје по нејзиното преземање на функцијата амбасадорка на САД во Македонија.
