Претседателот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев зборува за терминот „заедничка историја“, за несогласувањата околу терминот „македонски“, за Цар Самуил, за учебниците…
Синтагмата „заедничка историја“, која не е дефинирана во самиот Договор за пријателство, се претвори во една од главните пречки во работата на Комисијата, пред сѐ поради едностраното толкување, дека всушност таа означува историја на еден народ, односно на бугарскиот, започнувајќи од IX век па сѐ до 1944 година. Таквото толкување е неодржливо и неприфатливо, и затоа е потребна отворена дискусија со цел да се разјасни нејзиното толкување и значење кое не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото.
Ова го истакнува претседателот на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашањ Драги Ѓоргиев во интервју за „Дојче веле“.
Коментирајќи ги обвинувањата од бугарскиот колега Ангел Димитров дека македонскиот дел од Комисијата не го прифаќа билатералниот договор, во делот кој ја формулира работата на Комисијата, односно дека се прават „опструкции и замена на тези“ и отфрлање на дефиницијата „заедничка историја“, Ѓоргиев вели дека зачестеноста на ваквите обвинувања прераснува во практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба.
„За жал, веќе подолго време обвинувањата се дел од секоја изјава на нашите бугарски колеги и тоа веќе прераснува во една практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба. Доколку не се постигне прогрес во работата, вината целосно се префрла на македонската страна, што само покажува еден исклучив пристап со однапред определена цел: наметнување на еден наратив врз друг. Притоа отсуствува пристап во согласност со позитивните европски искуства, кој ќе овозможи рамноправна дискусија со обид да се разбере соговорникот од другата страна“,
вели Ѓоргиев.
Заедничка историја не важи само за Македонија и Бугарија, туку и за регионот и пошироко
За терминот „заедничка историја“, тој посочува дека лично нема проблем во однос на неговото користење, бидејќи терминот може да се употребува во однос и на други народи на Балканот и пошироко.
„Многу народи во одредени историски периоди имаат заеднички и испреплетени истории со своите најблиски соседи. Таков пример имаме со народите во рамките на поранешната СФРЈ, кои имаат заедничка историја повеќе од четири децении, но се разбира во политичка, социјална, економска, културолошка смисла. Таков пример е и актуелната ЕУ“,
вели Ѓоргиев посочувајќи го тука периодот на османлиска доминација, како и периодот кога кога Бугарија како кнежевство (1878 г.) се одвојува од османлиската држава, а Македонија останува во османлиските граници.
„Но, ќе повторам, синтагмата ‘заедничка историја’ треба да се користи како концепт кој ги отсликува историските процеси, меѓусебните контакти и влијанија меѓу нациите и други групи и заедници и со кои навистина ќе ги приближиме нашите наративи и сфаќања за минатото, а не да ја користиме за вулгарна политичка алатка за докажување на ‘историски вистини’ и давање легитимност на митологизирани претстави за нашето минато преку призмата на сегашноста“,
вели претседателот на македонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања.
За несогласувања од бугарска страна за употреба на придавката „македонски“, што тој ја посочи по последната средба на Комисијата, тој оценува дека произлегуваат од селективната примена на Преспанскиот договор и на Договорот меѓу Бугарија и Република Македонија од 1999 година.
„Бугарските колеги селективно ги користат Преспанскиот договор и Договорот меѓу Р Македонија и Бугарија од 1999 година. Така, кога станува збор за тела и органи основани од државата, како што е нашата Комисија, повикувајќи се на Преспанскиот договор, тие не ги прифаќаат формулациите ‘македонските колеги од Комисијата’, туку ‘колегите од Комисијата на РСМ’. Или, во однос на учебниците кои се финансирани од државата, наместо ‘македонски учебници’ се инсистира на ‘учебници на РСМ’ и слично. Од друга страна, пак, во однос на македонскиот јазик го игнорираат Преспанскиот договор, и се повикуваат на Договорот од 1999 година каде што тој е ‘македонски јазик во согласност со Уставот’ или ‘официјален јазик на РСМ’. Ваквата практика во работата на Комисијата е воведена некаде од октомври 2019 година, додека претходно немаше никакви проблеми околу тоа“,
вели Ѓоргиев.
Според него, иако постои тенденција за избегнување на придавката во однос на историската терминологија, тоа, вели, не е возможно, а придавката останува присутна и кога во записникот директно се пренесуваат исказите на дискутантите.
Комисијата треба да работи – има можност за напредок
За тоа што бил главниот проблем поради кој последната средба на Комисија заврши без резултат, Ѓоргиев вели дека тоа се големите разлики во пристапот кон толкувањето на историските процеси, настани и личности и пристапот кон сфаќањето и правењето на препораки за учебниците.
„Присутна е тенденцијата бугарските забелешки кон македонските учебници да бидат конкретизирани во духот на нивниот наратив и тој да биде наметнат како единствен. Тоа особено дојде до израз во дебатата за цар Самуил, наспроти нашиот пристап на мултиперспективност, кој овозможува на учениците да развијат критичко мислење. Се разбира, тоа важи за настани каде мултиперспективноста може да се примени“,
вели Ѓоргиев, кој заклучува дека има простор за подобрување и на македонските и на бугарските учебници по историја.
„Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување“,
нагласува тој.
Целото интервју на Драги Ѓоргиев за Дојче Веле може да го прочитате ТУКА.