Македонскиот копретседавач на Мешовитата комисија со Бугарија посочува дека постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт
Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија смета дека објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување на преговорите со Северна Македонија не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата.
„Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да биде закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин или, пак, закана за која било нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права“,
вели Ѓоргиев за Дојче веле.
Во меморандумот, официјална Софија посочува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“. Бугарија ги повикува властите во Скопје да „раскинат со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Бугарија било причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.
Ѓоргиев посочува дека постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт.
„Несомнено е дека во поглед на разбирањето на историјата на регионот Македонија постојат повеќе погледи и толкувања, особено во државите на Балканот, така што не постои само една ‘историска вистина’. Но, тоа не е причина да се настојува еден национален историски наратив, односно ‘историска вистина’ да се наметне врз друг. Ваквите спорови можат да се надминат само преку разбирање за погледите на соседите, без притоа тие погледи за минатото да предизвикуваат поделби и недоразбирања. Токму поради тоа, мултиперспективниот пристап во изучувањето на минатото претставува солидна основа за надминување на историско-политичките спорови. Постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт, туку поскоро до дијалог што ќе овозможи да се надминат национализмите и злоупотребата на минатото, кои ги поткопуваат темелите на кои се заснова современа Европа“,
оценува Ѓоргиев во изјава за Дојче веле.
Претходно, Ѓоргиев најави нова 10. средба на Мешовитата комисија, овој пат во Скопје, кон крајот на септември или во почетокот на октомври, по застојот од неколку месеци, за што рече дека причина е ковид-кризата, како и одолговлекувањето на парламентарните избори во земјава.