Вака македонскиот историчар и копретседател за заедничката македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев ги коментира последните случувања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тој вели дека се забележува тенденција македонско-бугарските односи на одреден период да бидат циклично нападнати со цел, како што вели, да се наруши оној краток континуитет од мирен период
Кога македонско-бугарските односи извесен период се мирни и добри и кога работата тргнува во вистинска насока, тогаш се случуваат инциденти кои, очигледно, имајќи ја предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено и со однапред режирано сценарио.
Вака македонскиот историчар и копретседател за заедничката македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев ги коментира последните случувања меѓу Северна Македонија и Бугарија и односите меѓу двете земји.
Тој во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека се забележува тенденција македонско-бугарските односи на одреден период да бидат циклично нападнати со цел, како што вели, да се наруши оној краток континуитет од мирен период.
„И ова мислам дека ќе деескалира, ќе се смири ситуацијата, но повторно постојат сили, кои нема да ме изненади, после два месеци, да се случи истото по кој било повод“,
вели Ѓоргиев.

Ниту заедничката Комисија, потенцира Ѓоргиев, не може да остане имуна на политичките тензии и недоразбирања кои, како што додаде, несомнено влијаат на нејзината работа.
„Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата Комисија“,
вели Ѓоргиев во интервјуто за „Гласот на Америка“.
Прашан дали е можно да се дојде решение за Гоце Дечлев, околу кого настанаа и последните тензии во македонско-бугарските односи, Ѓеоргиев вели оти во вакви екстремно заладени односи е многу тешко Комисијата мирно и спокојно да работи на прашањето за Гоце Делчев, за кое, како што вели, во Комисијата не се дискутирало посериозно можеби цела година.
„Идејата на заедничко чествување на која било личност, не само на Гоце Делчев, се базира на тоа да уште повеќе ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народа и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата Комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи какво било решение на Комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и тргнат во вистински правец односите меѓу Македонија и Бугарија“,
вели копретседателот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања.
Додаде дека политичката ситуација и односите меѓу двете држави мора да бидат на високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред сè во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев.
Она што досега како препораки се договорени од страна на македонските и бугарските историчари е заедничко чествување на Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за цар Самуил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шесто одделение во македонскиот образовен систем.
Следната средба на заедничката Комисија за историски и образовни прашања е закажана на 16 и 17 февруари во Софија.