Проектот предвидува создавање на голем зелен појас кој ќе се протега од Матка, преку езерото „Треска“, Сарај, кејот на реката Вардар, спортскиот центар „Борис Трајковски“, Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба, сè до Маркова Река

Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, денеска во спортско-рекреативниот центар Сарај, го презентираше својот проект за „Спортско – рекреативен зелен појас“ за главниот град.
Проектот предвидува создавање на голем зелен појас кој ќе се протега од Матка, преку езерото „Треска“, Сарај, кејот на реката Вардар, спортскиот центар „Борис Трајковски“, Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба, сè до Маркова Река.
Марковски, кој проектот го претстави заедно со Јана Белчева Андреевска која е носителка на листата за советници и Умер Мухамеди, кандидат за советник, нагласи дека ова е шанса за поквалитетен живот и подобро поминување на слободното време за сите граѓани, а за младите можност за различни спортски активности.
Професорот Марковски напомена дека здравјето на граѓаните мора да биде приоритет број 1, а секоја мерка и политика треба да бидат во таа насока: почист воздух, вода, почва и многу повеќе уредени зелени површини.
Новиот спортско-рекреативен појас, според „Независни заедно“, ќе овозможи дополнително раззеленување на Скопје, како и вистинско облагородување и заштита на јавните простори кои со децении делуваат запуштено.
Кандидатот Марковски и „Независни заедно“ денеска беа и во Капиштец каде имаат средба со жителите од околните згради и каде дојода до заеднички заклучок оти населбата се соочува со сериозни комунални и еколошки проблеми, меѓу кои доминираат бучавата од угостителските објекти, лошото управување со отпадот и оштетувањето на јавната опрема.

На средбата присуствуваа кандидатите за градоначалници на Општина Центар, Билјана Ивановска, и на Град Скопје, Горан Марковски, како и носителите на советничките листи, Јане Димески и Јана Белчева Андреевска.
Според соопштението на иницијативата, граѓаните ги истакнале следниве горливи проблеми со кои се соочуваат: бучава од угостителските објекти на улицата „Народен фронт“, неподнослива миризба која се шири од преполните контејнери, мешање на отпадот од кафеаните со комуналниот отпад, движење на скутери и електрични тротинети по пешачките патеки и оштетување на јавната опрема од несовесни луѓе.
Од „Независни заедно“ ги повикаа граѓаните да гласаат за бројот 128 за градоначалник на Скопје – Горан Марковски, и за бројот 35 за листата на советници.