На денешниот состанок меѓу Групацијата на мелничко-пекарската индустрија и претставници на Министерството за економија бил донесен заклучок цената на лебот да се одржува на исто ниво, а во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенти, заеднички да изнајдат решенија со кои би се релативизирала опасноста од зголемување на цените во оваа индустрија
Цените на лебот и на печивата засега нема да се покачуваат и ќе останат на истото ниво до крајот на април, а во меѓувреме состојбите континуирано ќе се следат и ќе се анализираат. Ваква одлука донеле претставниците и членовите на Коморите на мелничко-пекарската индустрија која денеска имале средба со државните институции.

И покрај најавите на пекарниците низ земјава дека ќе ја зголемат цената на белиот леб за од три до пет денари, најголемите производители велат дека тие нема да го направат тоа, засега.
Ова, како што пренесе МИА, бил заклучокот од денешниот работен состанок во Министерството за економија, каде што на маса со заменик-министерот Марјан Ристески и со директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски седнале претставниците од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Според претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ, генерално цената на лебот во државата е над 99 отсто иста.
„Во Македонија има 3 000 пекарници, па секој си знае за себе. Генерално, над 99 отсто цената е иста. Вториот заклучок е дека цената ќе се одржува, и ќе се следи ситуацијата во следниот период, до крајот на месецот, за ако се случи влошување на ситуацијата да можеме да донесеме некој заеднички заклучок, да го стопираме на некој начин тоа зголемување“,
изјави Малишиќ, пренесе телевизијата Сител.
За заклучоците од состанокот преку писмени соопштија информираа и од Стопанската комора и од Сојузот на стопанските комори на Македонија, од каде што, исто така, велат дека Министерството за економија и Владата се заложиле заеднички да се следи состојбата, и во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенти, заедно со мелничката индустрија, да изнајдат заеднички решенија со кои би се релативизирала опасноста од зголемување на цените во оваа индустрија.
„Исто така, мелничко-пекарска индустрија до сите медиуми и политички чинители во Македонија замолува да не се користи оваа сложена ситуација со цените на лебот и печивата за создавање паника и несигурност кај граѓаните, затоа што со тоа им се наштетува и на граѓаните и на компаниите“,
се вели во соопштенија од Стопанската комора и Сојузот на стопански комори.
Од друга страна, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) велат дека поскапувања на основните прехранбени производи веќе има, обвинувајќи ја Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека не преземаат никакви мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
„Празните фрижидери и празните џебови не можат да го чекаат Мицкоски. СДСМ навреме предупреди дека растот на цените на нафтата ќе предизвика бран поскапувања на храната. Денес тоа се случува. Поскапува лебот. Веќе се поскапени зејтинот, јајцата, млекото, овошјето и зеленчукот. Мицкоски ги држи граѓаните во сиромаштија. Без мерки. Со најниски плати во Европа“,
изјави денеска на прес-конференција членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ.
Таа ја повика Владата веднаш да преземе мерки и да ги прифати сите решенија што ги предлага СДСМ, односно да се намали ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, намалување на акцизата за горивата за четири денари, ДДВ за основните прехранбени производи да биде 0 отсто, а цените на патарините да се преполоват.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Македонија во моментов има најевтини горива во регионот и дека Владата е подготвена да интервенира со сите расположливи механизми доколку дојде до нова ескалација на пазарот.
Тој додаде дека Владата планира да ја продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто доколку цените растат, а како дополнителна алатка рече дека на располагање стои и интервенција кај акцизите.
Одлуката за следните чекори рече дека ќе се донесе за време на викендот, по затворањето на светските берзи во петок.
