Експертите стравуваат дека збунувачките пораки од земјите за вакцината „Астра Зенека“ може да го намалат ентузијазмот на луѓето за вакцинација, што не би било добро во време кога Европа сè уште се соочува со брзо ширење на вирусот
Владите ширум Европа поставија значително различни возрасни ограничувања за примање на вакцината против коронавирус на „Астра Зенека“, што дополнително придонесе за конфузијата што веќе некое време владее во врска со нејзината употреба.
Откако голем број земји престанаа да ја користат вакцината на „Астра Зенека“ во последните неколку недели откако се појавија тромботични реакции кај мал број луѓе кои ја примија, Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера објави дека открила „можна врска“ помеѓу вакцината и тромбозата како несакан ефект.
Сепак, ЕМА изјави дека придобивките од имунизацијата со оваа вакцина сè уште ги надминуваат ризиците и не наметнуваат ограничувања за нејзината употреба кај лица на возраст од 18 години или постари.
Сепак, упатствата за тоа кој ќе ја прима вакцината варираат од земја до земја.
Британски експерт: Ризикот е како да се удавите во када
Во Шпанија, оваа вакцина може да се дава само на лица над 60 години, а во Белгија на лица над 55 години.
Британските власти, кои, како ЕМА, изјавија дека придобивките од приемот на вакцината на „Астра Зенека“ ги надминуваат ризиците за повеќето луѓе, препорачаа да не им се дава на лица на возраст под 30 години кога тоа е можно.
Австралиската влада, сепак, денеска објави дека вакцината „Астра Зенека“ не треба да се дава на лица помлади од 50 години.
Италијанските власти, кои првично ја наменија вакцината за луѓе на возраст под 65 години, синоќа го сменија ставот и најавија дека во иднина ќе им ја даваат на лица над 60 години.
По вчерашното соопштение на ЕМА, германската Влада не ја смени препораката објавена на 30 март, според која вакцината „Астра Зенека“ се дава само на лица над 60 години.
Известувањето од ЕМА влијаеше и на подготвеноста на граѓаните на ЕУ да ја примат вакцината на „Астра Зенека“.
Хрватската влада објави дека секое четврто лице кое требаше да прими вакцина „Астра Зенека“ денеска не се појавило на закажаниот термин.
И во Полска и во Франција, денеска се забележан многу случаи на откажување од вакцинацијата со оваа вакцина.
Експертите стравуваат дека збунувачките пораки од земјите за вакцината „Астра Зенека“ може да го намалат ентузијазмот на луѓето за вакцинација, што не би било добро во време кога Европа сè уште се соочува со брзо ширење на вирусот.
Ентони Кокс, британски експерт, вели дека ризикот од „многу редок несакан ефект“, формирање на тромб како резултат на вакцината „Астра Зенека“, е „многу мал“.
„Тоа е еднакво на ризик да умрете од давење во када или авион што ќе удри во вашата куќа. Тоа е толку редок ризик“,
вели Кокс за АП.
Други експерти истакнуваат дека е забележан еден случај на згрутчување на крвта на 100 000 дадени дози од вакцината „Астра Зенека“ во Германија, а додаваат дека бројот е уште помал во Велика Британија.
Некои велат дека таблетите за контрацепција имаат поголем ризик од појава на тромб отколку вакцината на „Астра Зенека“.