Законодавниот дом на САД е затворен, откако поддржувачи на Доналд Трамп денеска упаднаа во зградата и ја опкружија сенатската сала за заседанија на Конгресот.
Поради ова, постапката за сертификација на изборите е прекината, а од безбедносни причини на сенаторите им биле укажано да останат во салата. Ова денеска се случи веднаш по говорот на претседателот Доналд Трамп. Тој во меѓувреме, испрати неколку Твитер пораки, но, не кажа ништо во врска со продорот на демонстранти во Конгрeсот.

Американскиот Капитол е затворен поради ескалација на протестите на демонстрантите во момент кога се одржуваше заедничка седница на двата дома за верифицирање на резултатите од изборите за претседател на САД и на која требаше да се потврди победата на демократскиот кандидат Џо Бајден.
Полицијата наведе дека зградата на Капитол е во „локдаун“ – што означува дека никој не смее да влезе ниту да ја напушти зградата.
Градоначалничката на американскиот главен град Вашингтон, Мјуриел Боусер, објави воведување полициски час во градот. Полицискиот час стапува на сила во 18 часот по локално време.