Дури и кинеските берзи, кои од почетокот на годината се со надолен тренд, не останаа имуни на падот на расположението на инвеститорите
Глобалните берзи на почетокот на неделава продолжија да паѓаат поради стравувањата дека широката трговска војна предизвикана од царините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп може да го наруши економскиот раст на САД и да резултира со рецесија, пишуваат „Гардијан“ и Ројтерс.

Стравувањата кај инвеститорите се рефлектираа со падови на берзите во САД и Азија и покрај тврдењата кои доаѓаат од Белата куќа дека трговските политики на Трамп не предизвикуваат трговски хаос.
Според прегледот на состојбата на берзите вчера што ја пренесуваат медиумите, Ес енд пи 500 (S&P 500) бележи пад за 2,7%, Доу Џонс (Dow Jones) падна за 2%, а технолошкиот Насдак (Nasdaq) за 4% откако инвеститорите продадоа акции од таканаречената „величествена седумка“ – „Алфабет“ (Alphabet), „Амазон“ (Amazon), „Епл“ (Apple), „Мајкрософт“ (Microsoft), „Мета“ (Meta), „Нвидиа“ (Nvidia) и „Тесла“ (Tesla). Дополнително, акциите на „Тесла“ вчера го имаа најлошиот ден од септември 2020 година бележејќи пад од 15 проценти.
И азиските берзи го следат негативниот тренд на Волстрит и бележат остар пад утрово. Акциите на јапонската берза Никеи (Nikkei) и тајванската се лизнаа за околу 3 проценти, достигнувајќи го со тоа најниското ниво од септември лани, се вели во новинскиот извештај на „Гардијан“.
Дури и кинеските берзи, кои од почетокот на годината се со надолен тренд, не останаа имуни на падот на расположението на инвеститорите. Индексот на блу-чип (Blue-chip) падна за околу 1%, додека индексот „Ханг Сенг“ во Хонгконг беше понизок за 1,5%.
Европските фјучерси (стандардизирани договори за купување или продажба на некои финансиски инструменти) , исто така, укажаа на ниски стапки при отворањето. Така фјучерсите на DAX паднаа за 0,8%, додека оние на Еуросткс (Eurostoxx) беа за 0,9% пониски.
Падот на берзите доаѓа еден ден откако американскиот претседател, според „Гардијан“ ги заобиколи прашањата во врска со можна рецесија во САД како последица на трговските политики.
„Постои период на транзиција, бидејќи она што го правиме е многу големо… Потребно е малку време, но мислам дека треба да биде одлично за нас“,
изјави Трамп во неделата, прашан дали очекува рецесија.
Шефот на националниот економски совет Кевин Хасет вчера за Си-ен-би-си (CNBS) изјави дека секоја неизвесност околу трговските политики на Трамп ќе биде решена до почетокот на април и дека политиките „создаваат работни места во САД“.
Според Хасет, ваквите политики почнуваат да го добиваат предвидениот ефект на зацврстување на американската економија со зголемување на работните места во февруари.
„Сите зборуваат за неизвесност. Сигурно постои неизвесност како точно ќе функционира трговската политика, но даночната политика е речиси сигурно дека ќе функционира“,
рече Хасет.
Инаку, откако дојде на функцијата, Трамп започна трговска војна со трите најголеми трговски партнери на Америка. Трамп ги зголеми царините за Кина, прво за 10%, а потоа и за 20%. Тој се повлече од тарифите од 25 отсто за стоки од Мексико и Канада, иако сè уште се заканува дека ќе ги воведе следниот месец.
Во врска со трговските политики, американскиот претседател постојано ги негира тврдењата дека тие предизвикуваат несигурност.
Хауард Лутник, секретарот за трговија на Трамп, за Ен-би-си изјави дека нема да има рецесија во Америка, притоа споредувајќи ги сомнежите за трговските политики на Трамп со претходниот скептицизам за победата на Трамп на изборите.
„Во следните две години ќе го видите најголемиот раст кој доаѓа од Америка“,
рече Лутник.