Пожарникарите од Неготино и Кавадарци тешко воспоставуваат контрола и затоа огнот ќе се скротува и од воздух со авион. Ако ситуацијата се влоши, подготвени се и два хеликоптери на МВР

Силен шумски пожар беснее во близина на Неготино кај т.н. Гоцева шума, а бидејќи пожарникарите не можат да го стават под контрола од копно, во гаснењето во секој момент се очекува да се приклучи и авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Авион на ДЗС во секој момент ќе полета кон боровата т.н. Гоцева шума во непосредна близина на Неготино, каде во моментов има силен пожар врз кој територијалните противпожарни единици од Неготино и Кавадарци тешко воспоставуваат контрола поради засилениот ветер“,
соопштија од ЦУК.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, нагласи дека доколку состојбата со пожарот се влошува, подготвени за полетување се два хеликоптери на МВР.
Претходно на терен излезе и градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.