Околу 70 пожарникари од лондонската противпожарна бригада го гаснат пожарот во западниот дел на градот
Голем пожар изби во трафостаница во западен Лондон предизвикувајќи масовен прекин на електричната енергија. Без струја се оставени повеќе од 16 300 дома. Од околните домови се евакуирани околу 150 луѓе.

Околу 70 пожарникари од лондонската противпожарна бригада го гаснат пожарот во западниот дел на градот.
Поради големиот прекин на електричната енергија, аеродромот „Хитроу“, најголемиот аеродром во Обединетото Кралство, ќе биде затворен до полноќ во петок, што веројатно ќе влијае на стотици летови и илјадници патници.
„’Хитроу’ се соочува со значителен прекин на струјата на аеродромот поради голем пожар во блиската електрична трафостаница. За да ја гарантираме безбедноста на нашите патници и колеги, немаме друг избор освен да го затвориме аеродромот до 23:59 часот на 21 март. Патниците не треба да патуваат на аеродромот под никакви околности додека аеродромот повторно не се отвори“,
информираа од аеродромот „Хитроу“.
Засега е непознато колку летови од и до „Хитроу“ ќе бидат откажани во текот на денот, но, според веб-страницата за следење летови „Флајт радар“, засегнати ќе бидат најмалку 1 351 лет.
Причината за пожарот сè уште е непозната.