Последните информации се дека 40 пожарникари со 13 возила сè уште се на терен и оти пожарот е локализиран

Пожар на отворено избувнал синоќа во близина на селото Ново Село кое е дел од Општина Селце на островот Брач. Пожарот бил пријавен половина час по полноќ, соопштуваат пожарникарите од Селце.
Сите 43 пожарникари од островот Брач и одредот на островот, заедно со 15 возила, биле вклучени во гаснењето на пожарот. Според првичните информации, горела густа борова шума, а гаснењето дополнително било отежнато од ветер.
Утринава во гаснењето на пожарот бил вклучен и противпожарен авион „канадер“.
Според првичните проценки, изгорената површина е околу седум хектари. Последните информации се дека 40 пожарникари со 13 возила сè уште се на терен и оти пожарот е локализиран.
„Ситуацијата е задоволителна, иако сè уште не можеме да потврдиме целосна контрола, бидејќи продолжува да дува ветер, а теренот е тешко пристапен, особено на северната страна. Се надеваме дека времето ќе биде на страната на пожарникарите и дека наскоро ќе го ставиме пожарот под контрола“,
вели претседателот на Доброволното противпожарно друштво на Брач, Тино Штамбук.
Тој додава дека противпожарните сили се прераспределени на краевите на пожарот и оти се работи на нивно гаснење.