Пожарот, како што информираат од ЦУК, е од поголеми размери и претставува потенцијална закана за имотот на локалното население. Отежнувачка околност е непристапниот терен и неможноста за гасење од копно
Центарот за управување со кризи (ЦУК) известува за голем пожар во близина на струшкото село Октиси кај местото викано Октишка Краста. Оттаму информираат дека пожарот е од поголеми размери и дека претставува потенцијална закана за имотот на локалното население.

На терен се присутни екипи на струшката противпожарна единица, но според проценката на командирот на ТППЕ Струга, пожарот се простира на специфичен и непристапен релјеф, што го оневозможува гаснењето од копно.
„По барање на градоначалникот на Струга е испратено официјално барање за ангажирање на воздухоплов, а по насока и барање на ЦУК се вршат подготовки за испраќање на воздухоплов за гаснење на пожарот. ‘Ер трактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување е веќе на пат кон локацијата за гаснење на пожарот“,
наведуваат од ЦУК.
Според извештајот на ЦУК, до 12 часот во земјава се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор од кои три се активни, еден е под контрола, а изгаснати се три пожари.