Втор ден по ред се случува голем помор на крап во Тиквешко Езеро, алармираат производителите. Во моментот на удар се две компании кои се меѓу најголемите производители на крап во кафезен систем, „Златен крап“ и „Дошница“.
„Целото производство од преку 120 тони ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата за да ја спречиме оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е сè уште неповолен“,
велат од „Златен Крап“.

Тие велат дека водостојот на акумулацијата во изминатиот период е на катастрофално ниско ниво и дека продолжува нејзиното интензивно празнење. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L.
„Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата“,
велат производителите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. Досега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70 отсто од производството на сите производители.
Со случајот запознати се од Влада, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден е направен увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на Центарот за јавно здравје – Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба и во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи.