Прашан што би се случило доколку македонски државјанин во странство се затекне на граничен премин без променет пасош или без патен лист, Османи рече дека за таквите случаи дополнително разговара со државите за да може, како што вели, да им се излезе во пресрет на оние граѓани што не успеале да дојдат до патен лист
Поради голем наплив во дел од македонските амбасади и дипломатско-конзуларните претставништва, каде што македонските државјани од дијаспората поднесуваат барања за издавање патни листови со кои ќе може да транзитираат од една во друга држава по 12 февруари, Министерството за надворешни работи (МНР) најави дека во овие институции ќе се воведе двосменска работа и работа за викенди.

Дополнително, како што изјави министерот Бујар Османи, амбасадите во местата каде што има најголем наплив на барања ќе се доекипираат со дипломати кои ќе бидат на испомош, а ќе бидат отворени и две нови мобилни станици, најверојатно во Германија и Италија со цел поефикасно издавање на патните листови.
„Тоа што забележувам е дека има одредена паника кај нашите граѓани во дијаспората дека по 12 февруари ќе можат да ги изгубат работните места, ќе можат да ги изгубат дозволите за привремен престој и поради тоа има наплив во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, особено во Германија и тоа во трите наши ДКП таму – во Берлин, Бон и Минхен. Во Швајцарија во Берн, во Италија во Рим и Венеција, и во Словенија и некои други држави вклучувајќи ги и Њујорк и Чикаго итн.“,
изјави Османи на денешната прес-конференција.
Министерот, сепак, им порача на граѓаните оти нема место за паника и дека по 12 февруари ќе може да се вратат со патни листови издадени од македонските дипломатско-конзуларни претставништва.
Прашан што би се случило доколку македонски државјанин во странство се затекне на граничен премин без променет пасош или без патен лист, Османи рече дека за таквите случаи дополнително разговара со државите за да може, како што вели, да им се излезе во пресрет на оние граѓани кои не успеале да дојдат до патен лист.
„Ние да се однесуваме како да од 12 февруари на полноќ никој не може да се движи со пасош којшто е со старото уставно име, да се однесуваме како да ќе нема да можеме да имеме алтернативен начин. Но, јас работам паралелно за такви случаи кога граѓаните нема да може да дојдат ни до патен лист, да можат и со тој стар пасош да се вратат и тука се надевам дека ќе имаме разбирање. Работиме на еден резервен план за такви случаи од хуманитарен карактер, ако можам така да кажам, кога граѓаните нема да можат да стигнат до патен лист да можат да се вратат. Но, не сакам да се потпираме на тоа“,
изјави министерот за надворешни работи.
За македонските државјани кои живеат на места каде што нема македонски дипломатско-конзуларни претставништва, Османи вели дека се работи на можноста да да ги достават апликациите онлајн, а патните исправи да ги добијат по пошта. Дополнително, во градовите каде што земјава нема свое ДКП, а има голем број наши граѓани, министерот рече дека во план е да се воведе календар на конзуларни денови за да може да се информираат каде ќе може да поднесат апликации за издавање пасоши односно патни листови.
„Разгледуваме и можност во градовите каде што има поголем број наши граѓани од дијаспората, најверојатно во Германија, Италија и Швајцарија, да поставиме дипломати на аеродромите, односно на агенциите коишто ќе можат да издаваат патни исправи на лице место за да не се малтретираат граѓаните“,
додаде Османи.
Министерот рече дека вчера имал долг состанок со претставниците од сите 60 македонски дипломатско-конзуларни претставништва на кој детално се разгледувале прашањата и предизвиците по однос на ова прашање.