Руското Министерство за одбрана утринава соопшти дека во текот на ноќта биле пресретнати и уништени вкупно 144 украински беспилотни летала што биле лансирани во девет руски региони

Во напад со беспилотно летало во текот на ноќта во близина на Москва загина најмалку едно лице, а три други се повредени, соопшти денеска гувернерот на московската област Андреј Воробјов.
„Една 46-годишна жена е убиена во нападот, кој оштети станбени згради во Раменскоје, град кој се наоѓа на 46 километри југоисточно од Москва. Три лица се хоспитализирани, а повеќе од 40 жители се евакуирани од запалените згради во привремени засолништа“,
пишува Воробјов на апликацијата за пораки Телеграм.
Според градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, беспилотно летало паднало во реонот на меѓународниот аеродром „Жуковски“, а и „Домодедово“ и „Внуково“ привремено ги прекинале летовите.
Тој вели дека противвоздушната одбрана соборила 14 беспилотни летала во урбаните области Подолск, Раменскоје, Љуберци, Домодедово и Коломна.
Според пишувањата на Воробјов, во Раменскоје од нападот оштетени се две станбени згради.
Руското Министерство за одбрана утринава соопшти дека во текот на ноќта биле пресретнати и уништени вкупно 144 украински беспилотни летала, што биле лансирани во девет руски региони. Други 72 беспилотни летала биле соборени над регионот Брјанск, а имало соборени и над регионите Белгород, Курск, Воронеж, Липецк, Орел, Калуга и Тула.
