Кон протестот се приклучија и познати личности од јавниот живот, како поетот Љубивоје Ршумовиќ и рок-музичарот Зоран Костиќ Цане
Голем протест наречен „еколошко востание“ се одржа денеска во центарот на Белград, пред српското Собрание“. Во организација на собирот учествуваат над 70 еколошки и граѓански организации кои бараат здрава животна средина.
„Денес ни е потребен еколошки патриотизам. Мора да се бориме против алчноста“,
порача, на почеток од протестот, поетот Љубивоје Ршумовиќ.
На протестот говореше и пејачот на групата „Патрибрејкерс“, Зоран Костиќ Цане, кој порача: „без вода нема слобода, а таа се загадува постојано, без земја нема храна, без воздух нема живот.“
Како што јави МИА од Белград, веќе неколку години активистите за заштита на животната средина се борат против изградбата на мали хидроцентрали, за кои тврдат дека уништуваат реки и животински свет и предизвикуваат голема штета на екосистемот, а истовремено бараат и почист воздух, кој со години наназад е многу загаден на целиот Балкан.
„Еколошките проблеми во Србија не се појавија преку ноќ, а Министерството и другите надлежни ресори во Владата работат посветено, одговорно и транспарентно“,
изјави министерката за заштита на животната средина, Ирена Вујовиќ, по повод протестот на еколошките здруженијата во Белград.
Александар Јовановиќ Шута од Здружението „Да ги браниме реките на Стара Планина“ истакна дека е во тек „сеопфатен напад врз сè што е здраво во Србија“.
„Дојдовме да им кажеме „не“ на оние кои секој ден ги сквернават нашите реки и нашата природа“,
рече Јовановиќ.
Еколошките организации составија документ со 13 барања до државата во врска со еколошките проблеми Меѓу другото, бараат регулативите да бидат усогласени со највисоки еколошки стандарди, граѓаните постојано да се информираат и да се едуцираат за животната средина, да се зачувуваат водните ресурси и сите да дишат здрав воздух.Тие, исто така, бараат да бидат заштитени сите шуми, да запре сечата на заштитените подрачја и пошумување, како и да се запре изградбата и ревизијата на штетните постројки и проекти – мини хидроцентралите.
