„Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително намален. Со отворањето на патот за пристап, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на ‘Национални шуми’, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот“, соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, вечерва информира дека над селото Лојане во Општина Липково избувнал пожар на отворено, кој сега е во голем дел локализиран и изгаснат.
Пожарот зафатил борова шума.
„Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален. Со отворањето на патот за пристап, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на ‘Национални шуми’, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот“,
информира Али.
Како што објави тој, при акцијата дејствувал и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР), две екипи на Територијалната противпожарна единица од Куманово, како и екипи на „Национални шуми“. Во гаснењето на пожарот учествувало и локалното население.
„Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност“,
соопшти Али.
Претходно, од ЦУК информираа дека денеска до 18:00 часот во државата имало вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои активни се четири, а изгаснати се 15.