Поради прекинот на струјата во овој дел од градот, настана хаос и во сообраќајот бидејќи не работеше сообраќајната сигнализација
Голем дефект на 110-киловатна станица утрово ги остави жителите на Карпош, Ѓорче Петров и Сарај без електрична енергија. Од ЕВН посочија дека нивни екипи веќе излегле на терен за да го санираат дефектот.
Поради прекинот на струјата во овој дел од градот, настана хаос и во сообраќајот бидејќи не работеше сообраќајната сигнализација.
Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) утринава информираа дека ќе има прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови во Карпош од 9 до 11 часот, кога струја ќе немаат корисниците од булевар „Партизански одреди“ зграда број 165, а од 9 до 14 часот корисниците од дел од улица „Дамаска“.
Ваквата информација Општина Карпош ја објави на својата официјална фејсбук-страница, по што следуваа многубројни коментари од граѓани кои информираа дека без струја останале речиси сите улици во Карпош, а не само наведените од РЦУК.
