Арсовска вели дека во третманот на мозочниот удар времето е од витално значење. Брзото препознавање на симптомите Арсовска вели дека е клучно за успешно лекување

Околу 5 000 нови случаи со мозочен удар има на годишно ниво во државата, вели проф. д-р Анита Арсовска, шеф на одделот за ургентна неврологија при Универзитетската клиника за неврологија.
Тоа, според Арсовска, значи дека има 200 до 300 мозочни удари на 100 илјади жители.
„Ниту една возраст не е поштедена од мозочен удар, значи може да се појави и во детската возраст“,
изјави Арсовска на Светскиот ден на мозочниот удар каде на Неврологија каде денеска се одржа Отворен ден со бесплатни прегледи со цел подигнување на јавната свест за ова заболување.
Арсовска вели дека во третманот на мозочниот удар времето е од витално значење. Брзото препознавање на симптомите Арсовска вели дека е клучно за успешно лекување.
„Одземен говор, искривување на лицето, парализа на едната страна од телото односно на раката или на ногата и што побрзо пациентот треба да се донесе во најблиската здравствена установа односно на Клиниката за неврологија“,
се дел од симптомите на кои укажа Арсовска.
Таа додава дека доколку се работи за исхемичен мозочен удар, во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, средство за разбивање на тромбот.
Иако мажите на возраст од 60 до 69 години се позасегнати, Арсовска предупреди дека класичните фактори на ризик се сè поприсутни и кај помладата популација под 45 години.
Таа потенцираше дека над 90 отсто од мозочните удари може да се превенираат со контрола на модифицирачките фактори, како што се зголемен крвен притисок што е и најчест причинител, зголемени вредности на шеќер и маснотии во крвта, пушење, стресно живеење и аерозагадување.
Клиниката за неврологија, во соработка со Министерството за здравство, го организира настанот под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Министерот за здравство Азир Алиу, кој ја посети Клиниката, истакна дека здравствениот систем мора да работи и на превенција и едукација на граѓаните.
Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, најави дека се планира набавка на сопствен апарат за магнетна резонанца за Клиниката.
„На тој начин би се подобрил квалитетот на добивањето услуги и би се растоварил и Институтот за радиологија. Набавката на магнет би било заокружување на тој еден процес на дијагностика на нашите пациенти“,
додаде д-р Божиновски.
