Поради пандемијата лани на аџилак имаше само десетина илјади верници кои живеат во Саудиска Арабија, во споредба со 2019 година кога во Мека имаше 2,5 милиони верници од целиот свет
Саудиска Арабија, во најголемото муслиманско верско светилиште во Мека, следниот месец ќе им овозможи аџилак на 60 000 свои граѓани кои се вакцинирани против коронавирусот, соопшти денеска Министерството за аџилак.
Поради пандемијата лани на аџилак имаше само десетина илјади верници кои живеат во Саудиска Арабија, во споредба со 2019 година кога во Мека имаше 2,5 милиони верници од целиот свет.
Во соопштението на Министерството за аџилак се вели дека оние кои сакаат да извршат аџилак мора да бидат на возраст меѓу 18 и 65 години, не смеат да страдаат од хронични болести и мора да бидат вакцинирани против ковид-19.
Во Големата џамија во Мека, секојдневните молитви можат да ги изведуваат приближно 60 000 верници, но аџиите не смеат да ја допираат Кабата, централното свето место во исламот, изградено во форма на коцка.