Според министерот Тошковски, над 155 000 парчиња пиротехнички средства се откриени годинава, што е трипати повеќе од минатата 2024 година. Само овој месец се откриени дополнителни над 30 000 парчиња, што покажува дека засилените акции даваат резултати
Показна вежба на учениците од средното скопско училиште „Владо Тасевски“ се одржа денеска на плоштадот „Македонија“, каде преку реална симулација се прикажаа повреди од несоодветна употреба на пиротехнички средства. Оваа активност се спроведува во рамките на превентивната кампања на Министерството за внатрешни работи (МВР) – „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска, и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

Според министерот Тошковски, над 155 000 парчиња пиротехнички средства се откриени годинава, што е трипати повеќе од минатата 2024 година.
„Тоа е добро од аспект на активноста на полицијата, но лошо во однос на количината на вакви средства во употреба. Само овој месец се откриени дополнителни над 30 000 парчиња, што покажува дека засилените акции даваат резултати“,
вели тој.
МВР, како што додава, постапува континуирано, преземајќи репресивни, но и превентивни мерки.
Смета дека треба да се зголеми свеста кај граѓаните дека пиротехниката не е неопходна за добра прослава.
„Особено е опасно кога се користи непроверена или неконтролирана пиротехника. Затоа и апелираме да се прославува без неа“,
кажа Тошковски.
Најави дека во следниот период ќе има засилени контроли, со акцент на превенцијата, особено во училиштата.
Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска, рече дека минатата година како резултат на употреба на пиротехнички средства се регистрирани три повреди кај деца.
„На Детска хирургија имаше три пациенти, а една повреда имаше на хируршките клиники. Затоа годинава кампањата ја проширивме и на учениците од седмо, осмо и деветто одделение, за сите да ја слушнат пораката“,
кажа таа.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, рече дека годинава соработката со МВР е проширена, па освен во Скопје, вакви настани се организираат и во повеќе градови низ државата, со тенденција следните години кампањата уште повеќе да се прошири.
