Реновираниот дел ќе се користи откога ќе се спроведат активности за дезинфекција на објектите и обука на вработените и ќе се добие употребна дозвола од надлежните институции

Градската општа болница „8 Септември“ доби целосно реновиран оперативен блок со инвестиција од 12 милиони евра преку ТАВ-програмата. Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали, одделите за интензивна нега и за патологија, административни канцеларии, покривната конструкција, клиничките лаборатории и придружните простории.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, посочи дека по неколку децении, болницата има комплетно реновиран оперативен блок како капитален проект што ќе остане за идните генерации.
Најави дека реновираниот дел ќе се користи откога ќе се спроведат активности за дезинфекција на објектите и обука на вработените и ќе се добие употребна дозвола од надлежните институции.
„Она што сега ќе се направи најпрво е обезбедување на стерилни услови и комплетно запазување на условите за асепса и антисепса. Ова е можеби последен пат кога цивилни лица ќе имаат пристап до овој дел од болницата. Вториот момент е опремата за која ќе има потреба нашите вработени што се дел од оперативниот блок да поминат адекватни обуки. Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот, да издадат употребна дозвола за да ние како корисници имаме право да направиме технички прием. Со каква динамика ќе одат сите овие процеси ќе информираме. Првите интервенции што ќе ги направиме ќе бидат презентирани“,
рече Стојановски.
Според него, оперативниот блок ќе овозможи можеби и преполовување на листите за чекање доколку има персонал, поради што вели дека ќе мора кадровски да се екипираат. Тој посочи дека треба да се направи регионализација на услугите со ротација на персоналот и екипирање на центрите надвор од Скопје.
Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека ГОБ „8 Септеври“ добива инфраструктура по светски стандарди.
„Ова не е само реконструкција на ѕидови, туку на начинот како ги креираме и планираме политиките во здравството“,
рече Алиу.
На промовирањето на реконструираниот оперативен блок беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека станува збор за значаен проект за македонското здравство и најмодерен регионален објект и оти вакви услови северно до Виена нема.
„Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, покривот течеше. Она што сега не можете да го видите, а исто беше опфатено со реконструкцијата, е целосната обнова на покривната конструкција, каде што се сместени клима-коморите, кои обезбедуваат третитран воздух со сите параметри – влажност, чистота итн., но исто така и делот во кој се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи, ќе ја добиеме целината, која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме“,
рече Мицкоски.
Според генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, сите операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се во согласност со најновите медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација.
„Веруваме дека секој пациент заслужува достоинствени услови за лекување, а секој здравствен работник заслужува современи услови за работа. Со оваа поддршка сакаме да придонесеме токму за тоа – подобра грижа, поголема ефикасност и повисок квалитет на здравствените услуги“,
рече Курт.
