Со обиколка на манастирот „Прохор Пчински“ и заедничка литургија на Македонската и Српската православна црква, претседателот Стево Пендаровски беше пречекан од неговиот српски колега Александар Вучиќ, во рамки на одбележувањето на празникот Илинден. Вучиќ во обраќањето порача дека двете држави имаат исклучително добри односи кои очекува и во иднина да се развиваат. Tој потенцира дека меѓу Србија и Северна Македонија нема отворени прашања, потсетувајќи на одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ.
„Ние Србите ги сакаме Македонците и Северна Македонија, го сакаме и македонскиот јазик и не велиме дека не постои. Напротив, го сакаме јазикот и го разбираме исто како што знаеме дека вие го сакате српскиот јазик. Немам проблем да кажам дека ние не сме само пријатели, туку како народи имаме братски односи и верувам дека и натаму ќе се развиваат“,
рече Вучиќ.

Вучиќ на македонски јазик го честита Денот на Републиката и порача дека граѓаните се добредојдени на која било територија во Србија.
Претседателот Пендаровски се заблагодари на пречекот и, како што рече, на личните заложби на Вучиќ што Србија овозможи повторно чествување на Илинден во манастирот „Прохор Пчински“.
„Се надевам дека и натаму ќе се гледаме на ова место и ќе им оддаваме почит на нашите најголеми национални великани“,
истакна Пендаровски.
Пендаровски и Вучиќ, како што најави српскиот претседател, ќе продолжат во Врање на работен ручек.

Во состав на државно-црковната делегација што ја предводеше претседателот Пендаровски на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, Викарен Епископ Хераклејски г. Климент и претставници од Сојузот на борците на НОБ.