Во повикот до двајцата кандидати, „Го сакам Водно“ наведува три точки во кои објаснува што треба Градот да направи за да ја гарантира заштитата на Водно
Граѓанското здружение „Го сакам Водно“ упати барање до кандидатите за градоначалници на Скопје, Петре Шилегов и Данела Арсовска да дадат гаранции дека нивите намери за заштита на Водно се искрени.
„Водно е секој ден се поблиску и поблиску до бетонирање на својата иднина. Ако навистина се искрени во ветувањата за Водно, кандидатите за градоначалник на Скопје треба да покажат дека се спремни и да ги исполнат. Нели? Така, на само два дена пред молкот за изборот на нов градоначалник, ги повикуваме кандидатите Петре Шилегов и Данела Арсовска не само да се обврзат, туку и да направат чекор повеќе кон Водно како гаранција дека нивните намери за ВИСТИНСКИ И ЦЕЛОСНО ЗАШТИТЕНО ВОДНО се искрени“,
велат од Здружението.
Заложбите и апелите за носење севкупна и функционална заштита на Водно од врвни и докажани експерти од шумарстовто, хидролгоијата, инженерството, просторното планирање, клучни државни институции, видни професори и преку 32 граѓански здруженија, не успеаја да ја спречат одлуката што отвора врата за негово брзо урбанизирање и уништување, посочуваат од Здружението, и додаваат дека, сепак, заедно успеаја да се изборат за мала искра за спас, префрлајќи ја тежината во Градот. Но велат дека е неопходна итна и брза реакција на оној што ќе победи во трката за градоначалник.
„Затоа и ве прозиваме, Данела и Шилегов, бидејќи само ваша искрена заложба може да биде над оваа Одлука. Ако го сакате Градот, ќе имате можност да направите чекор за Водно да биде спасено, а со тоа и градот заштитен. Инаку, Водно ќе го изгубиме“,
велат активистите.
Што треба да направи Градот?
Во повикот до двајцата кандидати, „Го сакам Водно“ наведува три точки во кои објаснува што треба Градот да направи за да ја гарантира заштитата на Водно:
1. Да започне итно изработка на Просторен План на Водно како простор од посебен интерес! Тоа ќе овозможи правилно ЗОНИРАЊЕ на Водно, наспроти она предвидено во Одлуката.
2. Toj да се додели на изработка во Агенцијата за планирање на простор, каде што експертизата преку строго дефинирани методологии ќе ги преклопи сите значења и вредности на Водно и ќе наметне режим на заштита за секоја предвидена Зона.
3. Паралелено да се иницира постапка за носење на СПЕЦИЈАЛЕН ЗАКОН ЗА ВОДНО во Собрание.
Овој lex specialis ќе претставува гарант за правилното зонирање на целата територија на Водно, соодветниот режим на заштита и ќе ги замрзне сите можни активности и носења на други планови, вклучувајќи ги и Планот за управување и урбанистичките планови или проекти, сè додека не се донесе pросторен pлан за Водно, како план од највисок ред.
Што очекуваме како гаранција?
„Очекуваме идејна, драфт-верзија на специјалниот закон. Очекуваме запознавање со можностите, потребните чекори и ресурси (време и пари) неопходни за Агенцијата да започне постапка за Просторен План на Водно. Можеби веќе имaте Нацрт-закон? Или, пак, сте оствариле средба со Агенцијата и упатиле барање до неа? Или пак нешто друго?“,
велат активистите и ги повикуваат Шилегов и Арсовска да ги покажат нивните искрени намери.
„Повлечете потег кој ќе помогне Водно да нè биде само едно убаво минато, туку вистинска заштита на градот и жителите. Повелете, докажете дека тоа го можете… Водно е нешто кое не смее никој да го предаде“,
истакнуваат од „Го сакам Водно“.