Медицинска помош осомничениот повикал дури следниот ден, и тоа речиси три часа откако го видел сопствениот брат како лежи во крв и без свест, велат од Обвинителството
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против триесет и седумгодишен жител на селото Марино, осомничен дека се обидел да го убие сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата и по телото.

Според наредбата за спроведување истражна постапка што ја донел надлежен јавен обвинител, осомничениот се товари за кривичното дело убиство санкционирано во членот 123, став 2, точка 2, од Кривичниот законик (КЗ) во врска со член 19 (во обид) од КЗ.
Настанот, како што информира Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, се случил на 18 октомври, во семејниот дом на осомничениот во скопското село Марино.
„Осомничениот се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата и по целото тело“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Од ударите, неговиот брат почнал да крвави од главата и изгубил свест, а осомничениот наместо да му помогне, легнал да спие.
Следниот ден, кога се разбудил, 37-годишникот видел дека брат му лежи во крв и без свест, но повторно го оставил во таква состојба.
Медицинска помош повикал дури по речиси три часа, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор, врз основа на сите околности – опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.