Претседателот на македонскиот парламент се обрати на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи, во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“, иако според уставниот амандман 5 од 2001 година „на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“
Доколку сме перципирани како регион што произведува повеќе историја отколку што може да ја консумира, не смееме да дозволиме таа историја да ја проголта иднината на новите генерации, за кои главните животни постулати се базираат на развиена економија, повеќе работни места, дигитална технологија, здрава животна средина, образование и иновации, слободен проток на лица, капитал и услуги… Со овие зборови, на албански јазик, се обрати претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, во рамки на Самитот на претседатели на парламенти „Европски парламент – Западен Балкан“, кој овие два дена се одржува во Брисел.
Иако според членот 7 од македонскиот Устав „на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, Џафери се обрати на албански јазик на состанокот на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), во соработка со постојаните делегации од Западен Балкан и претседателите на парламенти од Западен Балкан, со кој претседаваше Дејвид Мекалистер.
Видеото од состанокот на АФЕТ и излагањето на Џафери можете да го погледнете ТУКА.
Во членот 7 од Уставот беше интервенирано со уставните амандмани, кои произлегоа од Рамковниот договор во кризната 2001 година. Тогаш со амандманот 5 беше уредена и употребата на јазиците на заедниците на локално ниво и во државните институции, за што во претходниот состав на парламентот беше донесен и нов Закон за употреба на јазиците, така што Џафери стана првиот претседател на македонскиот парламент кој има можност да ги води седниците и на албански јазик. Меѓутоа, иако Законот за употреба на јазиците ја унапредува употребата на албанскиот јазик на територијата на целата држава, македонскиот јазик останува службен јазик на државата во меѓународната комуникација, како што е предвидено со Уставот.

Во кус телефонски разговор за „360 степени“, Џафери денеска од Брисел објаснуваше дека зборувал на албански јазик единствено пред Комисијата за надворешни работи.
„Вие сте го гледале само состанокот на Комисијата. А што станува со пленарната сесија? Во Брисел сум, не ме малтретирај, имате амбасадор тука, па прашајте како сум зборувал“,
рече Џафери.
На Самитот во Брисел, кој се одржува во организација на претседателот на ЕП, Дејвид Сасоли, учествуваат и претседатели на парламенти од Словенија, Португалија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија. Повеќето од нив се обратија пред Комисијата за надворешни работи на службените јазици на нивните држави, така што пред овој форум единствено не можеше да се слушне обраќање на македонски јазик.

„Северна Македонија во изминатата декада се најде во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Во однос на европските интеграции, земјата постигна импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел промени одредени сектори во нашето општество и значително ги унапреди односите со соседите за надминување на отворените прашања. Нивното решавање бараше дипломатичност, смиреност и отстапки кои беа поздравени од сите наши стратешки пријатели во ЕУ и САД. Таа посветеност придонесе за добивање зелено светло од страна на Советот на ЕУ за почнување преговори за членство. За жал, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди. Истовремено, сакам да нагласам дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство“,
нагласи Џафери пред своите колеги од Западен Балкан, на состанокот на Комисијата за надворешни работи.
На неговото излагање, Мекалистер возврати: „Најголемиот дел од ЕП го поддржува процесот на преговори со вашата земја и со Албанија, но ние не сме тие што донесуваат одлука“.
Пред заминувањето на Џафери за Брисел, од Собранието соопштија дека Самитот на претседатели на парламенти ќе се осврне на зајакнувањето на парламентарната соработка во процесот на проширување, како и на фундаменталната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ во постковид-периодот и нема да биде отворен за јавноста. Беше соопштено и дека е предвидено Џафери да се обрати на Самитот.
Претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан на Самитот во Брисел усвоија заедничка декларација во која ја потврдуваат централната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ и се посветуваат на заедничката соработка за понатамошно зајакнување на нејзината парламентарна димензија.
Декларацијата предвидува и унапредување на културата на меѓупартиски дијалог и консензус во клучните реформски области, вклучувајќи владеење на правото, фундаментални права и зајакнување на демократските институции. Независноста на судството, плурализамот, слободата на медиуми, родовата еднаквост и инклузивниот пристап кон граѓанското општество се посочени како суштинските европски вредности што треба постојано да се поддржуваат, вклучително со борбата против дезинформации и лажни вести, за што се посочува дека го загрозуваат мирот и заемното разбирање во и меѓу општествата.