Прашан кој би бил лидер на евентуално обединетиот политички субјект, Меџити рече дека во оваа фаза не се разговара за персонални решенија

Лидерот на Демократското движење и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, го поддржува потегот на претседателот на Беса, Биљал Касами, за отпочнување процес на обединување на политичките субјекти во коалицијата ВЛЕН.
Меџити вели дека во повеќе наврати сите лидери од коалицијата разговарале за можноста ВЛЕН да функционира како единствен политички субјект бидејќи тоа го бара членството и локалните структури.
Според Меџити, тоа што го направил Касами е чекор напред кон тоа ВЛЕН да биде едно.
„Во повеќе наврати и јас и другите лидери од ВЛЕН сме најавиле дека разговаравме и преговаравме, бидејќи од членството и структурите се бара ВЛЕН да биде едно. Силно го поддржувам тоа што го направи вчера Биљал Касами бидејќи тоа е чекор напред кон ВЛЕН да биде едно. Најверојатно во следниот период истото ќе го направат и другите политички субјекти, почнувајќи од моето Демократско движење“,
рече Меџити кој денеска заедно со градоначалникот на Скопје најавија реализација на проектот за целосна реконструкција на улицата „Лазар Трповски“ во Чаир.
Прашан кој би бил лидер на евентуално обединетиот политички субјект, Меџити рече дека во оваа фаза не се разговара за персонални решенија.
„Не сме фокусирани на персонални решенија. Прво сакаме да изградиме платформа, идеолошки структури, и потоа ќе дојдеме и до тоа. Има повеќе креативни идеи – ротација, копретседателство или модел со еден глас за секој независен член. Ќе се дојде до најдоброто решение“,
додаде Меџити.
Во врска со кадровските прашања во рамки на коалицијата, тој истакна дека секој кадар се оценува според својот учинок и дека при секоја реконструкција се очекуваат промени и подобрувања.
„Секој по својот учинок се анализира. Нормално, при секоја реконструкција да има промени и подобрување. Во однос на кадровските прашања во Беса, тоа е нивно внатрешно прашање. Убеден сум дека имаат капацитет да го надминат и да го решат“,
кажа Меџити.
Вчера, централното собрание на движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на ова партиско тело со цел во иднина партијата да биде дел од процесот почнат за спојување на повеќе политички партии во партијата ВЛЕН како еден политички субјект.
И лидерот на БЕСА, Биљал Касами, на новинарско прашање дали тој ќе биде претседател на новата заедничка партија во рамки на коалицијата ВЛЕН, рече дека има неколку опции за дискусија, но оти е подготвен доколку заеднички проценат дека тој би требало да преземе некоја обврска.
