Особено загрижувачки, велат од Правда, е улогата на одредена опозициска партија и нејзиното дејствување во контекст на актуелниот протест на кој студенти бараа правосудниот испит да се полага и на албански јазик
Го почитуваме правото на протест како едно од темелните демократски права, но со жалење констатираме дека денешниот уште еднаш покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествуваа во креирањето на лошите состојбите во правосудниот систем.

Ова е реакцијата на Министерството за правда во врска со денешниот протестен марш во Скопје на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик. Особено загрижувачки, велат од Правда, е улогата на одредена опозициска партија и нејзиното дејствување во контекст на актуелните протести.
„Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување краткорочни политички цели. Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење државни обележја на денешниот протест, што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок“,
велат од Министерството за правда.
Осврнувајќи се на барањата на студентите што беа изнесени на денешниот протест, од Министерството посочуваат дека правосудниот испит се спроведува согласно важечката законска регулатива.
„Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и внимателно ги разгледуваме сите иницијативи и предлози, исклучиво во рамки на законските надлежности“,
велат од Правда и додаваат дека за нив приоритет останува воспоставување фер, транспарентен и квалитетен систем на стручна евалуација, ослободен од политички влијанија.
Во пресрет на денешниот протест, премиерот Христијан Мицкоски вчера ги повика студентите да не дозволат да бидат, како што рече, алатка во рацете на една опозициска политичка партија.
„Јас ги уверувам студентите дека како што се изнајдоа многу решенија за многу предизвици и пропусти од минатото така и за ова ќе се изнајде соодветно решение. Мислам дека тие тоа веќе го знаат и мојот апел е да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија која уште живее во времето на минатиот век“
изјави вчера Мицкоски.
