Од партијата очекуваат брза и ефикасна истрага, а сторителите да бидат изведени пред правдата
Најостро го осудуваме опожарувањето на возилото на поранешниот кандидат за градоначалник на Општина Битола од нашата партија. Ова е денешната реакција од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Битола откако од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека ноќеска, половина час по полноќ, е пријавено дека се опожарени три возила на улицата „Леринска“ во Битола.
Едно од опожарените возила е сопственост на бизнисменот и поранешен кандидат за градоначалник на Општина Битола од редовите на СДСМ, Христо Кондовски.

„Овој насилен чин влева страв кај граѓаните за нивната лична безбедност, а на само неколку месеци пред локалните избори и несигурност за интегритетот на процесот“,
се вели во соопштението од СДСМ Битола.
Оттаму додаваат дека Битола станува небезбеден град, а за конкретниот случај очекуваат брза и ефикасна истрага и сторителите да бидат изведени пред правдата.
„Со вакви појави гледаме дека и цела Македонија е претворена во место на страв и пресметки. Власта мора итно да реагира оти ова не смее да стане новото нормално“,
пишува во реакцијата од партијата.
Од полицијата информираат дека сите возила се сопственост на приватни фирми.
„Опожарени се патничко возило ‘тојота рав 4‘ со битолски регистарски таблички, сопственост на приватна фирма, а го користела С.К. од Битола, патничко возило ‘фолксваген пасат‘ со тетовски таблички, сопственост на приватна фирма и возило марка ‘дачиа логан‘ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма“,
информира Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола.
Според очевидци на местото на настанот, возилата биле паркирани едно до друго, а пожарот прво избувнал од едното возило, а потоа ги зафатил и другите два автомобила.