Зголемувањето на цените на нафтата доаѓа по објавите на иранската државна агенција дека биле погодени полиња за природен гас Јужен Парс и нафтените објекти во Асалује во Иран, како и по извештаите дека иранските сили извршиле напади на енергетската инфраструктура во Катар
Цените на нафтата на светските пазари вчера повторно скокнаа, достигнувајќи 110 американски долари за барел, а како последица на нападите врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток во рамките на воениот конфликт меѓу САД и Израел, од една, и Иран, од друга страна.

Новиот потрес на глобалните пазари на нафта, како што наведува Си-ен-ен, ги надминува напорите на Белата куќа да ја ублажи загриженоста од зголемувањето на цените на енергенсите по воената операција врз Иран.
Суровата нафта „брент“, која ја диктира референтната вредност на нафтата на светските пазари, се искачи до 110,90 долари за барел, додека американската сурова нафта достигна 99,78 долари за барел, по извештаите дека Иран извршил напади на енергетската инфраструктура во повеќе земји од Персискиот Залив.
Според новинските извештаи, пожари се пријавени на клучни енергетски објекти во Катар, а воздушни напади биле пресретнати и во Саудиска Арабија. Нападите доаѓаат по предупредувањата на иранската Исламска револуционерна гарда дека ќе се одмазди за убиството на високиот претставник на националниот совет за безбедност Али Лариџани.
Зголемувањето на цените на нафтата доаѓа и по објавите на иранската државна агенција дека биле погодени полиња за природен гас Јужен Парс и нафтените објекти во Асалује во Иран.
Претходно, суровата нафта „брент“ порасна за 3,83 проценти, сведувајќи ја цената на енергенсот на 107,38 долари за барел, додека американската сурова нафта се зголеми за 0,1 процент, достигнувајќи цена од 96,32 долари за барел, пишува Си-ен-ен.
Цената на „брентот“ повторно се искачи и покрај одлуката на Белата куќа привремено да го суспендира т.н. закон Џонс и да им дозволи на бродовите што пловат под странско знаме да транспортираат стоки помеѓу американските пристаништа во следните 60 дена.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа се закани дека „масовно ќе го разнесе“ најголемото гасно поле во светот откако израелските напади на оваа иранска локација го натераа Техеран да ги засили нападите врз енергетските објекти низ Блискиот Исток, објави „Гардијан“.
Одлуката на Израел да го таргетира гасното поле Јужен Парс означува голема ескалација на војната, зголемувајќи ги стравувањата од значително нарушување на меѓународното снабдување со енергија.
Иран веднаш возврати со нови напади низ регионот, вклучително и врз катарските објекти за течен природен гас (LNG) што го разбесни американскиот претседател, се додава во написот на британскиот медиум.
Трамп вчера на социјалните медиуми тврдеше дека САД „не знаеле ништо“ за израелскиот напад врз Јужен Парс.
Американските медиуми претходно објавија дека САД биле свесни за нападот. „Волстрит журнал“ објави, повикувајќи се на неименувани американски претставници, дека претседателот го одобрил нападот, во обид да изврши притисок врз Техеран да го деблокира Ормускиот Теснец.
