Руте наведе и дека не очекува САД да ја повлечат поддршката за Украина и оти ќе продолжи размената на информации и испораката на оружје за Киев

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за германскиот весник Билд, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е главна пречка за мирот во Украина.
Руте одговарајќи на прашање зошто е толку тешко да се стави крај на војната во Украина, посочи оти „причината е Путин“, кој е „подготвен да жртвува 1,1 милион свои граѓани“.
„Оваа година неговиот (на Путин) напредок беше минимален: занемарливи територијални придобивки, помалку од еден процент од територијата на Украина од почетокот на годината и, според нашите процени, 1,1 милион луѓе се убиени или ранети на руска страна“,
наведе Руте.
Според него, неколку европски држави, доколку е потребно, се подготвени да испратат војници во Украина.
„Се работи за дефинирање на прецизната структура на Коалицијата на подготвените: Како би се одвивало распоредувањето? Што би се случило на копно, на море, во воздух? Сите овие елементи сè уште се разработуваат“,
посочи Руте.
Тој истакна дека „има многу почит“ за американскиот претседател Трамп, бидејќи тој е единствениот кој успеал да го доведе Путин на преговарачка маса и единствениот кој конечно можел да го натера да склучи мир.
Руте наведе и дека не очекува САД да ја повлечат поддршката за Украина и оти ќе продолжи размената на информации и испораката на оружје за Киев.
