Домашни и странски компании ги принудуваат работниците да потпишат спогодбени откази, а дел ги одјавуваат и без да ги известат, аламира здружението „Гласен Текстилец“ од Штип.
Првите случаи ги забележеле во текстилни фабрики, но и во странски компании. Според здружението, дел од работничките дознале дека се одјавени откако отишле кај својот матичен лекар, кој им кажал дека веќе немаат здравствено осигурување.
„Најголем дел од работниците не ни знале дека се одјавени, значи тие оделе на работа, а кога одат на доктор гледаат дека немаат здравствено осигурување и дека всушност се одјавени. Најмногу страдаат мајките на деца под 10 години и хронично болните. Такви примери имаме и во Штип“,
вели Ампева.
Ампева апелира вработените да не потпишуваат празни листови и спогодбени откази затоа што во тој случај работниците ќе немаат опција за правна помош.
Здружението бара Владата под итно да побара список од Агенцијата за вработување и да се види точната бројка на вработени во реалниот сектор, а оние фирми во кои ќе се утврдат вакви неправилности да се избришат од листата за добивање државна помош за справување со последиците од коронавирусот.
Претходно, за злоупотреби од работодавачите реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде апелираа работниците да не потпишуваат ништо без претходна консултација со правник.