До 19 часот, според информациите кои ДИК ги добила од избирачките одбори, вкупната излезеност од гласањето во странство за претседателските избори изнесува 652 гласачи, односно 25,38 отсто. Во оваа излезеност, напоменуваат од ДИК, поради временската зона не се вклучени седум избирачки места каде што се уште трае гласањето
На 31 гласачко место во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, 2 569 гласачи кои се пријавиле и чии пријави се прифатени од Државната изборна комисија (ДИК) имаа можност да го остварат своето гласачко право за избор на претседател на државата. Во дијаспората не се спроведе гласање за парламентарните избори поради неисполнетост на минималниот број гласачи пријавени за гласање за да може да се спроведе гласањето, информираа вечерва од ДИК.
Се уште се отворени шест гласачки места во дијаспората каде гласањето ќе трае до 19 часот според временската зона на земјата каде што се гласа.
До 19 часот, според информациите кои ДИК ги добила од избирачките одбори, вкупната излезеност од гласањето во странство за претседателските избори изнесува 652 гласачи, односно 25,38 отсто. Во оваа излезеност, напоменуваат од ДИК, поради временската зона не се вклучени седум избирачки места каде што се уште трае гласањето.
Гласачките места во казнено-поправните установи каде своето гласачко право денеска можеа да го остварат 2 147 гласачи за претседателските избори и 2 140 гласачи за избор на пратеници во Собранието, се затворени, додаваат од ДИК.
„Гласањето таму течеше без проблеми, а до 19 часот, според информациите од избирачките одбори, гласаа 1 298 гласачи или 60,46 отсто од запишаните за претседателските избори, односно 1 397 гласачи или 68,72 отсто за парламентарните избори“,
соопштија од ДИК.
Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица можеа да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно раселени и истите го оствариле своето право и за двата вида на избори. Гласачкото место во центарот за раселени лица е затворено.
Вкупно 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа имаа можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени за претседателските и парламентарните избори.
Од вкупно 534 гласачи од 20 центри, гласале 401 гласач или 75,09 отсто за претседател на државата односно 400 гласачи од 20 центри или 74,91отсто гласале за избор на пратеници.
Според информациите од општинските изборни комисии, гласале 8 926 односно 80,45 отсто болни или немоќни лица за претседател на државата односно 10 036 или 92,04 отсто за пратеници во Законодавниот дом.
Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на двата вида на избори на 1 303 домашни, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.
Со право на глас на претседателските избори 2024 во Избирачкиот список се запишани вкупно 1 814 317 гласачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1 815 350 гласачи.