Евроамбасадорот потенцира и дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеењето на правото
На прашањето што доколку уставните измени не бидат донесени, Гир вели дека тоа е суверена одлука, но, тоа, според него, не значи дека ЕУ ќе исчезне
Пратениците да ја погледнат големата слика и да одлучат што е националниот интерес во однос на уставните измени, порача евроамбасадорот Дејвид Гир во гостување на „Топ тема“ на ТВ Телма. Според него, важен е дијалогот меѓу власта и опозицијата, а на прашањето дали е оптимист дека уставните измени ќе се изгласаат до ноември, Гир вели дека одговорноста е на секој индивидуален член на Собранието.
„Прашањето е дали земјата може да се обедини на програмата за ЕУ-реформи, да се пресече политичкиот јаз, со цел да се напредува одлучно. Кога ќе ги погледнете другите земји како Хрватска или Словенија, сите оние земји што неодамна се зачленија, нивното искуство беше дека политичките групи се обединија иако беа многу поделени по многу области, по ова прашање работеа заедно за да постигнат заедничка цел – членство во ЕУ. Сметам дека истото треба да се примени и тука за уставните измени. Но тоа е само почетокот, бидејќи потоа секој чекор од патот мора да биде со заедничка посветеност да оди напред,“
рече Гир.
Важен елемент, според него, е да не се зборува општо за уставните измени, туку за точниот контекст на уставните амандмани.
„Мислам дека другиот елемент кој ќе биде многу важен во оваа дебата, е да гледате да не зборувате во општа смисла, тука да гледате што е точно на маса во контекст на уставните амандмани. Од она што го разбравме, тоа ќе биде да се вклучат луѓето кои се самоопределуваат како Бугари и некои други групи во рамките на Уставот. Земјата има добро досие на меѓуетнички односи и би можеле да аргументираме дека ова е само правање експлицитно на она што веќе го има во Уставот. Но, секако тоа е суверена одлука, одлука која треба да ја донесат парламентарците, но би сакал да ги поттикнам на дијалог, отвореност и она што сметаат дека е најдобар национален интерес“,
објаснува евроамбасадорот.
Евроамбасадорот потенцира и дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеењето на правото.
„Ние ќе бараме од оваа земја на секој чекор да прави реформи. Важна работа е барањата да бидат засновани на реформи. Дали направивте реформи во владеењето на правото, во животната средина и во сите тие области. Таму треба да биде фокусот, а не билатерални барања да влегуваат во процесот,“
додаде Гир.
На прашањето што доколку уставните измени не бидат донесени, Гир вели дека тоа е суверена одлука.
„Во таа фаза, процесот кој досега го гледавме, скринингот, напредокот, преземањето на следниот чекор со меѓувладината конференција, тоа ќе запре. Вие сте, како што ве нарекуваме, партнер во преговорите заедно со Србија, Црна Гора, Албанија. За вас тој процес ќе запре, за другите ќе видиме, ќе зависи од нивниот напредок во реформите. Тоа не значи дека ЕУ ќе исчезне. Ќе продолжиме да бидеме присутни, ќе продолжиме да ја поддржуваме државата, ќе продолжиме да инвестираме. Тоа не значи дека не треба да продолжите со реформите бидејќи тоа е сѐ уште најбрзиот пат до ЕУ. Но, мислам дека тој начин е многу потежок и се враќаме на тоа што зборував за моментумот, тоа од што ние стравуваме е дека тој моментум може да се изгуби, оваа можност да се постигне одлучен напредок може да биде изгубена“,
рече Гир.
Прашан чија е одговорноста што државава е предолго време во чекалницата на ЕУ, вели дека одговорност има од двете страни.
„Секако има одговорност и од страната на Европската Унија. Беше потребно многу време, како што реков, предолго, и тоа влијаеше на довербата. Но, има одговорност и од страната на последователните влади и властите бидејќи срцето на пристапниот процес е имплементирање на реформи кои ќе направат можност земјава да стане членка на Европската Унија на ниво, рамноправно со земјите членки. Одговорноста за имплементација на овие реформи беше кај последователните влади и некој треба да го постави прашање: Зошто не напредувавме повеќе? Да, земјата направи прогрес, и ние известивме за тоа во многу области, но сепак многу повеќе можеше да се очекува. Денеска не требаше да имаме екстензивни и тешки разговори за владеењето на правото, борбата против корупцијата, сите овие клучни прашања, кои сѐ уште се големи прашања околу 30 години откако земјата е формирана“
посочи Гир.