Трансформирањето на добрите намери во дела бара напорна и заедничка работа и соработка. Можете да сметате на нашата поддршка. Заедно со силната политичка посветеност, почнувајќи од највисокото ниво преку институциите, потребни се засилени напори на Владата, на министерствата, на општините и државните институции за постапување согласно тие препораки, вели евроамбасадорот Гир

Иако забележуваме одреден напредок, чекорот на реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата во С Македонија останува разочарувачки. Борбата против корупцијата заедно со другите елементи на јакнење на владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување на ЕУ и бара посветеност од земјата во целост.
Ова го истакна шефот на делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир на денешниот состанок на кој заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, беше разгледан напредокот во исполнувањето на препораките на Европската комисија во борбата против корупцијата.
Според него, Владата, парламентот, правосудството се главните протагонисти во таа борба и мора да служат како пример.
Гир нагласи дека извештајот за земјава од минатиот октомври обезбедува јасни насоки што треба да се направи и кои се приоритетите, но досега, според него, малку е постигнато на тој план.
„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија вршат важна работа, но на препораките од овие тела во конкретни случаи често не се постапува. Исто така, и нивото на имплементација на Националната стратегија за борба против корупција останува незадоволителна и претставува само 10 отсто според минатогодишниот извештај на ДКСК. Во оваа Стратегија има јасни и прецизни задачи за секоја институција присутна на состанокот. Трансформирањето на добрите намери во дела бара напорна и заедничка работа и соработка. Можете да сметате на нашата поддршка. Заедно со силната политичка посветеност почнувајќи од највисокото ниво преку институциите, потребни се засилени напори на Владата, на министерствата, на општините и државните институции за постапување согласно тие препораки. Но, Парламентот исто така има своја улога. Фактот дека се уште не е разгледан Извештајот за имплементација на Националната стратегија за борба против корупција на ДКСК за 2021 година е обесхрабрувачки“,
рече Гир.
Според него, потребен е напредок во јакнење на антикорупциската законска рамка и пред сè во нејзината имплементација. Во таа насока, Владата, опозицијата и парламентот, мора да работат заедно.
„Темелно спроведување на антикорупциската рамка е исто така важна. Консолидацијата на досието за проактивно истражување, гонење и конечни пресуди во борбата против корупцијата на сите нивоа и против сериозниот и организиран криминал мора да биде клучна цел на земјата на нејзиниот европски пат, особено сега кога некои важни судски предмети се соочуваат со застарување“,
рече евроамбасадорот Гир.
Тој нагласи дека судството има клучна улога во борбата против корупцијата и затоа треба да биде независно и професионално, а судиите и обвинителите да работат со интегритет, ослободени од политички влијанија или финансиски стимулации.
„Тоа е судство што ќе ја поврати довербата на јавноста“,
додаде шефот на Делегацијата на ЕУ.
Во Извештајот, одреден напредок е нотиран и во однос на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со зајакнување на неговите ресурси и ангажирање финансиски експерти, што, според Гир, е нужно за да се зголеми бројот на конечни пресуди во случаите на висока корупција и заплена на незаконски стекнат имот.
Евроамбасадорот ја нагласува и клучната улога на граѓанското општество, невладините организации и медиумите во напорите да се повикуваат на одговорност јавните институции и функционери.
„ЕУ и нејзините земји членки инвестираа многу за поддршка на владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјава. Навистина, сега е време Северна Македонија и нејзините институции да испорачаат понатамошни конкретни опипливи резултати, пред се заради граѓаните, но и заради напредок на патот кон ЕУ“,
рече евроамбасадорот Дејвид Гир.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, прашана во однос на забелешките од Гир за состојбата со корупцијата дека се потребни конкретни резултати, рече дека е прашање на истражните органи да докажат корупција и дека таа покажала непристрасност и остро реагирала на одредени одлуки од страна на различни институции и органи, вклучително и од правосудството, кои, вели, носат штета на целото општество.
„Прашање е прво на истражните органи да докажат корупција. Во првиот момент кога ќе докажат корупција, јас ги охрабрувам и цела година измината да го направат тоа. Меѓутоа, ние како Кабинет веќе знаете дека сме покренале одредени случаи коишто понатаму се процесирале. На крајот е на правосудните органи да одлучат каков ќе биде исходот од документите и наодите што стигнале до нас како Кабинет, кога зборувам само од обврските коишто Кабинетот ги има. Ние сме покажале барем како Кабинет до тука во сите изјави, во сите постапки, во сите ингеренции што ги имаме како Кабинет дека не ни е важно за кого станува збор и дека се водиме само од аргументите и тоа така и понатака ќе остане“,
рече вицепремиерката Грковска.

Приближувањето кон ЕУ, рече Грковска, како наша најзначајна стратегиска цел значи постојано да ја јакнеме одговорноста и отчетноста на институциите, да ја подобруваме нивната функционалност како сервис кон граѓаните и како мотор на социо-економскиот напредок и поквалитетен животен стандард.
„Да создадеме систем кој ќе има солидна кондиција за да функционира врз принципите на владеење на правото, односно систем со солидни механизми кој ќе ја превенира корупцијата. Очекувам сите институции во најкраток можен рок да се фокусираат и да покажат побрз процент на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата, а не да биде онака како што е нотирано во извештајот на Антикорупциската комисија само 10 отсто, што е поразувачки резултат“,
вели Грковска.