Средбата во северниот пристаништен град Тјанџин има за цел да го истакне глобалното лидерство на Кина и нејзиното силно партнерство со Русија, додека двете сили се обидуваат да ја преобликуваат светската моќ во своја корист на сметка на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници
Кинескиот лидер Си Ѓинпинг денеска ги нападна Соединетите Американски Држави, ги осуди нивните „практики на малтретирање“ и ја претстави својата земја како нов лидер на глобалниот поредок додека надворешната политика „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп ја преобликува светската сцена, објави Си-ен-ен.

„Домашните правила на неколку земји не треба да им се наметнуваат на други“,
изјави Си пред повеќе од 20 светски лидери собрани на дводневниот самит на Шангајската организација за соработка (ШОС).
Средбата во северниот пристаништен град Тјанџин има за цел да го истакне глобалното лидерство на Кина и нејзиното силно партнерство со Русија, додека двете сили се обидуваат да ја преобликуваат светската моќ во своја корист на сметка на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници.
Самитот, поддржан од Пекинг и Москва, е најголемиот дипломатски настан на Кина оваа година, кој привлече влијателни личности, меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, индискиот премиер Нарендра Моди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Си вети 2 милијарди јуани (280 милиони долари) грантови за членовите на ШОС оваа година и дополнителни 10 милијарди јуани (1,4 милијарда долари) кредити за банкарскиот конзорциум на организацијата во текот на следните три години.
„Треба да ја искористиме силата на нашите мегапазари и економските комплементарности меѓу земјите членки и да го подобриме олеснувањето на трговијата и инвестициите“,
рече кинескиот лидер.
Подоцна тој претстави нова Иницијатива за глобално управување, која се надоврзува на неговите претходни иницијативи за безбедност, развој и цивилизација, кои сите заедно ја формираат рамката за неговата визија за преобликуван меѓународен поредок.
„Се радувам на соработката со сите земји за изградба на поправеден и порамноправен систем на глобално управување. Треба да продолжиме да уриваме ѕидови, а не да ги градиме; да бараме интеграција, а не одвојување“,
рече Си ветувајќи поголемо влијание за земјите во развој.
Без директно да ги спомене САД, Си вети дека ќе се спротивстави на „хегемонизмот“, „менталитетот на Студената војна“ и „принудните практики“ – термини што Пекинг често ги користи за да го критикува Вашингтон.
Цврст сојуз меѓу Москва и Пекинг
Самитот е исто така пример за сè поблиските врски меѓу Кина и Русија и пријателството меѓу нивните автократски лидери. Путин рече дека ШОС ги поставил темелите за „нов систем“ на безбедност во Евроазија, како алтернатива на западните сојузи. Новиот систем, рече тој, ќе ги замени застарените евроцентрични и евроатлантски модели и нема да им дозволи на некои земји да ја обезбедат својата безбедност на сметка на другите. Длабокиот личен однос меѓу Си и Путин беше очигледен за време на гала-вечерата во неделата, каде што беа видени како разговараат и се смеат во опуштена атмосфера.
Средбата на ШОС е прва можност лидерите да се сретнат од самитот на Путин со Трамп во Алјаска во август и доаѓа во време кога Путин се спротивставува на притисокот од Западот да ја прекине војната во Украина. Путин го искористи својот говор за да ги повтори своите тези тврдејќи дека кризата не настанала како резултат на руската агресија против Украина, туку како последица на државниот удар во Украина, кој беше поддржан и испровоциран од Западот. Тој ги пофали напорите на Кина и Индија за решавање на кризата и го опиша „разбирањето“ постигнато со Трамп во Алјаска како отворање на патот за мир. Тој додаде дека веќе детално го информирал Си за неговите разговори со американскиот претседател.
Иако политиките на Трамп предизвикаа загриженост низ целиот свет, Пекинг го гледа тоа како можност да ја зајакне сопствената визија. Царините на Трамп од 50 отсто за индиските стоки ги влоши односите со Моди и го забрза претпазливото зближување меѓу Њу Делхи и Пекинг. Индискиот премиер се сретна со Си во неделата, што е негова прва посета на Кина по седум години. Во понеделникот Моди покажа блискост со својот домаќин и рускиот лидер, прегрнувајќи го Путин пред заедно да му се приближат на Си, по што тројцата лидери имаа срдечен разговор. Според аналитичарите, Путин со самитот сака да покаже дека Русија не е изолирана на светската сцена и дека има силни партнери и покрај притисокот од Западот.