Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека според првичните информации дојавите за бомби не биле стигнати на службените мејлови, туку на приватни и затоа вели дека тие не треба да се користат

Во текот на денот училиштата и припадниците на Министерството за внатрешни работи ќе добијат насоки за тоа што треба да се направи во вакви ситуации кога има дојави за бомби за да има непречено одвивање на наставата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
По денешните дојави што стигнаа до електронски адреси на неколку училишта во Скопје и во други градови, Мицкоски рече дека тоа се тие хибридни напади што ќе се случуваат и оти треба да се биде подготвен.
„Тие се тие хибридни напади што ќе се случуваат, не е нешто неочекувано, ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот. Ваков тип напади имаше во Хрватска, во институции во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде континуитет и кај нас“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека откако стигнале дојавите постојано бил во комуникација со министерот за внатрешни работи и оти според досегашниот пресек сите пријави се лажни.
Денеска на прес-конференција и министерката за образование и наука (МОН), Весна Јаневска, рече дека проверките на Министерството за внатрешни работи (МВР) покажале дека дојавите за бомби што утринава стигна во неколку училишта се лажни и учениците се вратени на настава.
„Сите дојави се лажни и учениците се вратени на настава. Жалам што некој вака си поигрува со децата“,
рече Јаневска.
Таа информираше дека откако стигнале дојавите за бомби, во МОН е формирана меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата.
Јаневска ги повика раководствата на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси што ги имаат креирано од МОН и дојавите да ги пријавуваат во МВР, а потоа да ги следат протоколите на полицијата.
Според првичните информации, како што рече Јаневска, дојавите за бомби не биле стигнати на службените мејлови, туку на приватни и затоа вели дека тие не треба да користат.
„Безбедноста е подигната на повисоко ниво со двојна автентикација при користење на службени мејлови“,
рече таа.
Таа на училиштата им порача во овој „сензитивен период“ да бидат попретпазливи кој и како влегува во објектите, а за општините рече доколку се во можност да имаат физичко обезбедување и видеонадзор во училиштата.
На новинарско прашање дали има сознанија кој ги праќа дојавите, Јаневска одговори дека за тоа е надлежно МВР, но дека МОН е во постојана комуникација со полицијата.
Министерката апелираше, особено до родителите, да се чувствуваат безбедно бидејќи сите мерки се преземени.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) рекоа дека проверките покажале оти дојавите се лажни.
Утринава на електронските адреси на неколку училишта во Скопје, но и во други градови, стигнале дојави за поставени експлозивни направи.
„360 степени“ доби потврда дека дојави имало стигнати во училишта во општините Аеродром, Гази Баба, Бутел и Центар.
Учениците што не биле веднаш земени од родителите веќе се вратени во училиштата и наставата е продолжена.