„Ако ЕУ сака да биде заложник на некои земји членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека нè остават да си ги завршиме домашните задачи и проблемите. Не треба да се грижат, ние не сме опасност никому, нема овде никакво влијание, овде има европско влијание, ние сме земја членка на НАТО, и НАТО има влијание. Не постои друго влијание. Сè имаме направено, сè што треба направивме“, вели премиерот
Ги дефиниравме нашите црвени линии. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно сметаме дека граѓаните на Македонија доволно отстапија. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за коментар на изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој вчера посочи дека клучната улога за прифаќање на позицијата уставни измени со одложено дејство ја има Франција, како и дека ако успееме со неа да сработиме и со уште неколку земји од Западна Европа, нашите аргументи може лесно да бидат примени.

„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон Европската Унија. Ние кажавме што може да направиме и тоа е максимумот што може да го направиме. Тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе што одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“,
рече тој.
Посочи дека имаме комплетно усогласена меѓународна и одбранбена политика со Европската Унија, како и дека реформите ги водиме согласно барањата од ЕУ и се работиме во согласност со Унијата.
„Ако ЕУ сака да биде заложник на некои земји членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека нè остават да си ги завршиме домашните задачи и проблемите. Не треба да се грижат, не сме ние опасност никому, нема овде никакво влијание, овде има европско влијание, ние сме земја членка на НАТО, и НАТО има влијание. Не постои друго влијание. Сè имаме направено, се што треба направивме. Ако тие мислат дека ние треба дополнително да се себепонижуваме, уништуваме идентитетски и никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред, тоа е нивно право, одлучиле да бидат заложници на луѓе што живеат во средниот век, а не гледаат напред. Тоа е нивна одлука, нека нè остават да си ги решиме домашните проблеми“,
вели премиерот.
Според него, повеќе од пет месеци не се случил ниту еден коруптивен скандал, односно ниту еден скандал каде што се гледаат чанти „луј витон“ со милиони внатре, ниту еден скандал каде што некои мавтаат со европски знаменца, купуваат хотели во центарот на град.
„Нема тоа. Посветени сме навистина да работиме за граѓаните. Тоа е наша цел“,
рече тој.
Посочи дека ако сметаат дека тоа не е доволно, дека не треба да бидеме таму според заслуга, туку за нешто што се случило во средниот век, тоа е нивно право.
„И пак ќе биде според правилата на ЕУ, не според други правила. Затоа што веруваме во вредностите каде што се напредува по заслуга, а не на понижување на другите“,
кажа Мицкоски.
Вицепремиерот Николоски вчера посочи дека за него најзначајната средба што ја остварил премиерот Христијан Мицкоски е онаа со претседателот на Франција, Емануел Макрон, оти смета дека сега Франција е играч број еден во Европската Унија.