Германија во изминатите години имаше голема улога во кривичниот прогон за воени и злосторства против човештвото во конфликтите и надвор од Европа, а најмногу за Сирија
Германското државно обвинителство започна истрага за воени злосторства на руските сили по инвазијата на Украина, изјавил денеска правосуден извор за медиумите.
Тој за француската агенција „Афп“ рекол дека е отворена истрага чија цел е да се соберат и приокажат сите докази за евентуален кривичен прогон.
„Евентуалните повреди на меѓународното кривично право мораат судски да се гонат“,
изјавил германскиот министер за правда Марко Баушман.
Тој додава и дека европските министри за правда се договориле околу процедурите за документирање на можни воени злосторства направени во Украина.
Целта на таканаречената структурна истрага на германското сојузно државно обвинителство е да се соберат документи и искази од сведоци за извршени злосторства.
Меѓународниот кривичен суд води истрага за воени злосторства
И Меѓународниот суд во Хаг минатата недела води истрага за обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Русија на 24 февруари ја нападна Украина и води војна на цела нејзина територија со бомбардирање на големите градови, а повеќе од два милиони граѓани веќе ја напуштиле земјата, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Голем број на цивили се убиени, а очевидци за светските медиуми тврдат дека руските сили фрлаат бомби на станбени згради и на цивилна инфраструктура.
Германија во изминатите години имаше голема улога во кривичниот прогон за воени и злосторства против човештвото во конфликтите и надвор од Европа, а најмногу за Сирија. За ова се применува начелото „универзална надлежност“, кое овозможува токму во Германија да се суди за злосторства, без разлика на местото каде се тие направени.