Кога станува збор за други држави, израелскиот премиер веќе даде инструкции да почнат подготовките и се очекува Израел да стане прва земја во светот што ќе дава четврта доза. Неодамна, такви најави за напролет имаше и во Србија.
Од друга страна, пак, СЗО предупредува дека дури и давањето на трета доза може да ја продолжи пандемијата од причина што вакцините ќе бидат насочени само кон богатите земји што веќе имаат висок опфат со вакцинација додека во другите држави вирусот ќе продолжи да се шири и мутира меѓу невакцинираните
Министерот за здравство во новата германска влада, Карл Лотербах, очекува дека ќе биде потребна и четврта доза од вакцината против ковид-19, но нагласува дека сè уште нема препораки од научниците за тоа.
„Лично би очекувал и четврта доза, но научните податоци засега не покажуваат дали тоа ќе биде неопходно“,
вели Лотербах, пренесува „Политико“.
Засега во европските држави сè уште не се користи четврта доза, но дебата се отвора. Она што се применува во дел од нив, посебно во богатите земји, е одлуката за давање трета засилувачка доза.
Од земјите во регионот, пак, такви најави имаше во Србија пред околу еден месец кога беше доминантен делта плус сојот односно пред појавата на омикрон варијантата. Српскиот епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ, кој е дел од Кризниот штаб, денеска најави дека веројатно на пролет во Србија ќе се препорача и четврта доза од вакцината против ковид-19.
Кога станува збор земјите ширум светот, меѓу државите кои најавија четврта засилувачка доза е Израел која веројатно ќе стане и првата на глобално ниво која почнала со вакцинирање на населението со четврта доза. Оттаму вчера стигна веста премиерот Нафтали Бенет дал инструкции да почнат подготовките за давање четврта доза за одредени групи од населението откако здравствени експерти ја препорачаа за постарите од 60 години, ризичните групи и медицинскиот персонал.
Претставници на фармацевтската компанија „Фајзер“ од САД која заедно со германски „Бионтек“ развија вакцина, соопштија дека веројатно ќе биде потребна четврта доза. Според изјавата на извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, за американските медиуми, таа би можела да биде потребна 12 месеци по третата, но можеби и порано.
„Верувам дека третата доза ќе даде добра заштита, но мислам дека ќе ни биде потребна и четврта доза за заштита од омикрон. Со овој сој ништо не се знае, мораме да почекаме и да видиме што ќе се случува, бидејќи имаме многу малку информации. Можеби четвртата доза ќе треба да се прими и за помалку од 12 месеци по третата“,
изјавил Бурла за „Си-ен-би-си“.
Од друга страна, пак, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејесус вчера предупреди дека дури и давањето на трета доза „веројатно ќе ја продолжи пандемијата наместо да ја скрати“ од причина што вакцините ќе бидат насочени само кон земјите што веќе имаат висок опфат со вакцинација додека во другите држави вирусот ќе продолжи да се шири и мутира меѓу невакцинираните.
Photo: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE