Весникот „Велт“ анализирајќи ги податоците ја оценува како неоснована изјавата на Шпан, истакнувајќи дека времето на патувањата на Балканот не се совпаѓа со избувнувањето на бранот нови случаи на зараза есента
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан тврди дека патувањата на балканците кои живеат и работат во Германија во своите родни земји на Балканот и во Турција минатото лето го донеле вториот бран на коронавирусот во земјата. Весникот „Велт“, пак, детално ги анализирал бројките и го поби тврдењето на министерот.

„Научивме лекции од минатото лето“,
изјави неодамна германскиот министер за здравство Јенс Шпан за „Билд“.
Според него, имало период кога „околу 50 проценти“ од новите заразени биле увезени во Германија – а Шпан конкретно ги спомена патувањата на луѓето кои живеат и работат во Германија и имаат семејства на Балканот и Турција. Тие инфекции, рече тој, придонеле за избувнување на големиот втор бран на коронавирусот во Германија.
Но, изјавата на министерот наиде на осуда. Турската заедница во Германија вели дека станува збор за стигматизација на цели групи граѓани.
„Скандал е што германски министер отворено го става Балканот на столбот на срамот и со тоа ги понижува луѓето со мигрантски корени“,
рече албанскиот премиер Еди Рама за „Билд“.
Бранот започна дури на есен
Во Министерството за здравство, останаа на своето тврдење. На прашањето на весникот „Велт“, велат дека изјавата на министерот се заснова на два извештаи од институтот „Роберт Кох“ – едниот е објавен кон крајот на август, и во него се анализира каде се заразиле луѓето во четирите ударни летни недели помеѓу 27 јули и 23 август минатата година.
Весникот „Велт“ детално ги анализирал тие бројки. Имало вкупно 10 387 инфекции од странство во тие недели – повеќе од половина од нив од Косово, Хрватска и Турција. Освен Шпанија и Турција, сите други балкански земји се меѓу првите десет.

Како што пишува весникот, не сметајќи ги Шпанија и Хрватска, Германците не одат на одмор во други земји масовно, па може да се претпостави дека станува збор за луѓе кои живеат во Германија, а потекнуваат од Србија и соседните земји.
Сепак, новинарите на „Велт“ изјавата на Шпан сè уште ја нарекуваат „бајка“ затоа што, како што пишуваат, експоненцијалниот раст на бројот на инфекции, односно вториот бран на коронавирусот во Германија, започнал многу подоцна – на почетокот на октомври.
„Не верувам дека повратниците од странство масовно придонесоа за пандемијата“,
изјавил за „Велт“ Мартин Стирмер, вирусолог од Универзитетот во Франкфурт.
Подобро да го гледаат својот двор
Според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс, во Германија имало вкупно 50 000 регистрирани инфекции во јули и август – занемарливи во споредба со декември кога беа евидентирани 700 000 нови заразени. Во меѓувреме, уделот на заразените во странство значително опадна во септември.
„Клучно е дека не може да се воспостави врска помеѓу летото и почетокот на експоненцијалниот раст на есен“,
пишува „Велт“.
Новинарите како неоснован го отфрлаат стравот на Јенс Шпан дека посетите на Балканот оваа година може да ја влошат епидемиолошката состојба во Германија.
„Инциденцата во Турција и на Балканот во последно време драстично опадна, исто како и во Германија. Во Србија, БиХ и Косово е дури и помал отколку овде, а во Хрватска и Турција е малку поголем. Покрај тоа, Србија е една од земјите кои најбрзо го вакцинираа населението во Европа. Ако германската федерална влада внимателно ги разгледа овие бројки, ќе треба да се запраша како да се позиционира во однос на патувањата во текот на летото и да спречи бројките повторно да растат во нивната земја, како што се случи минатиот октомври“,
заклучува „Велт“.